ЖИВОТОТ КАКО МОРЕ
Автор: Хараламбос Пападопулос
Сè уште е лето и повеќето луѓе брзаат да се освежат во дарот наречен море. Му се радуваат како мали деца, исполнети со радост и мир. Но таа радост треба да нè води кон благодарност и славословие. Тоа никогаш да не го забораваме.
Еден свет човек велеше: „Божјата благодат подолго останува во нас кога имаме две нешта — смирение и благодарност.“ Да научиме да велиме: „Ти благодарам, Боже мој!“ и „Слава Ти, Господи!“ Овие две кратки молитви носат голема сила во човековиот живот и прават во нас да процвета радоста и благодатта на Светиот Дух.
Повеќето од нас го познаваат морето. Да го замислиме животот токму како море — така ни го претставува и Евангелието. Живот што понекогаш е тивок и мирен, а понекогаш разбрануван и бурен.
Христос, вели Евангелието, одел по водата. Зошто? За да восхитува? Не. Туку за да покаже дека Тој е Господар на созданието и на животот. Тој владее, дава смисла, живот и здив на сè.

Додека Христос оди по водата, Петар Го моли и тој да дојде кај Него. И навистина почнува да оди по морето. Но морето не е секогаш мирно. Има бури, стравови, бранови и бродоломи. Така и Петар, штом почувствувал ветер и немир, се исплашил — и почнал да тоне.
Така сме и ние. Кога се плашиме и губиме доверба, почнуваме да тонеме.
А човек кога учи да плива? Кога ќе се препушти на водата. Ако се стегаш од страв — ќе потонеш. Ако се препуштиш со доверба — ќе се спасиш.
Така и во животот: кога ќе се предадеме на Божјата промисла, Бог нè учи како да поминеме и низ најбурните мориња без да потонеме.
Најтрогателно во евангелската приказна е што Христос, иако го укорува Петар за маловерието, сепак ја гледа неговата слабост и веднаш ја подава Својата рака.
Христос никогаш не нè остава.
Дури и во нашите најголеми падови, гревови и очајанија, кога животните бури сакаат да нè повлечат на дното, Христос станува Спасител на нашето битие. Пред да ја изгубиме последната надеж и сила, Тој ни го дава здивот на животот.
Таков е нашиот Бог — најсигурниот остров среде сите животни бродоломи.
Подготвил С. Стефковски / извор богоносци.бг