Три вистини и овојпат ќе ви предочам и нагласам, коишто сакам да ни останат во сеќавање од овој ден, и дај Боже да ги претвориме во пракса, да останат освестен дел од нашето секојдневие.
Прво, не треба да заборавиме дека не сме енергетски самостојни битија, ниту материјално ниту духовно, и дека нашето вистинско постоење зависи од друг енергетски, благодатен Извор. А ние, всушност, сосем погрешно живееме како да сме енергетски самостојни битија. На пример: без молитва, без причест со Христос итн.
Второ, никогаш не можеме толку совршено да се подвизуваме колку што тоа може да ни го „намести“ Божјата промисла. Само Бог може да направи услови за подвиг во кој ќе се здобиеме со вистинско смирение, а оттука па натаму, и со сите дарови Божји. Нашите подвизи се поврзани со малку суета, дури и кога се творат во послушание.
И трето, човек треба добро да нагази врз своето самољубие и суета за да може да му послужи на својот ближен, како во потребите од секојдневниот живот така и за неговото спасение. Кога велам „нагази“, не мислам на потиснување на своите страсти, туку на очистување, односно на преобразување на страстите: на пример, од самољубие во богољубие и братољубие. Затоа што потиснатите страсти во поволни за нив услови ќе се вратат назад со уште поголема сила и жестина, а очистените и преобразените ќе функционираат нормално и во најголемите искушенија.
Не ли го восогласиме нашиот живот и подвиг во Црквата со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, со сигурност да знаеме: се наоѓаме во процес на потиснување на страстите, т.е. во голема илузија дека живееме духовен живот и не сме во процес на преобразување на страстите. А потиснатите страсти сигурно ќе се вратат во вид на некоја душевна или телесна болест. Во секој случај, некако ќе се вратат...
✥✥✥
фб Митрополит Струмички i Наум
22ри август 2025 лето Господово