Духовна и душевна култура и напредок

Светото Православие, сето достоинство на човекот го поставува не во душевноста, туку во неговата духовност, која не е ништо друго, освен облагородување на целокупниот човек, од кое, резултатот се конечно раскинување со гревот и вечно соединување со Светиот Божји Дух (сп. 1. Кор. 6, 17).

Често во современата култура зборот „духовност“ неправилно се употребува, гледајќи во него пројави на душевноста, па макар и највисоки. Во таа смисла се зборува за „духовна култура“, за „духовен напредок“. Меѓутоа, христијанските учители и мудреци чувствувале, дека душевноста без вистинска духовност не е доволна за создадениот човек по образот Божји. Душевните заложби, колку и од почеток да се високи, тие можат да се испервертираат, како што често се случува, кога ќе бидат откинати од Бога и од Неговата света волја. Науката и техниката, на пример, може да се стават во услуга на злото, наместо на доброто. Откривањето на тајните на атомот и вложената во него енергија, тоа е епохално постигнување на науката на нашиот век, кое би можело да го олесни материјалниот живот на човештвото, но не ли се исползува денес, токму поради недостиг на духовност, за подготовка на целосното човечко уништување? Исто така, и уметностите можат да добијат најбогопротивни насоки и да започнат да разградуваат, наместо да воздигнуваат. Музиката, поезијата, ликовната уметност итн., можат да се демонизираат, па така пораѓани во внатрешноста, можат и да ја погубат душата.

За да не се случи сето ова, човекот треба по секоја цена да се стреми кон единствениот за него достоен идеал – од плотски (телесен) и душевен, да стане духовен. Ова не значи дека, откако ќе достигне духовност, тој ќе престане да биде телесен и душевен човек. Не! И духовните луѓе имаат душа и тело. И тие имаат телесни и душевни потреби, кои, меѓутоа, веќе не господарат, туку се потчинети на духот кој над нив има власт. Душевните изјави на духовните луѓе се контролирани од благодатниот дух на човекот.

Вистинскиот христијанин е должен да владее над своето тело, да ги скротува неговите животински похоти, ниските желби и ненаситните нагони, држејќи ги во потполно потчинување на својата преку крштението облагодатена духовна природа. Тој треба и сите свои душевни заложби: умот, чувствата, волјата, себесознанието, сфаќањето, вообразбата, паметта итн., да ги впрегне во творечка насока кон постигнување на заповеданото богоподобие.

За таа цел, ако сака да премине од душевност кон духовност, тој е должен да напредува во верата и во стравот Божји, да воспитува во своето срце побожност, љубов кон Бога и кон луѓето, и често преку исповед, да ја очистува својата совест, стремејќи се кон сè подлабоко богопознание, кое ќе биде постигнато преку смирување на умот (т.е. на телесното мудрување – Рим. 8, 6) пред богооткриените вистини. Кон ова, човекот треба да придодаде: усрдно изучување на Божјото слово и исполнување на Божјите заповеди, огнен и чест разговор со Бога во молитва и грижлив интерес за светоотечките творби, тие најдобри раководства за духовниот живот. Тој треба да жеднее за Бога и сè повеќе да ја умножува благодатта во себе преку примање на Светите Тајни, предадени во Светата Православна Црква.

Така, преку остварување на постојано молитвено богоопштење, тој ќе го проширува и продлабочува својот духовен живот, ќе станува сè подуховен и ангелоподобен. На овој начин, тој ќе го започне својот вечен живот уште тука на земјата, според реченото: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17, 3).

Архимандрит Серафим Алексиев

 

 

https://www.tiveriopol.mk/duhovna-i-dusevna-kultura-i-napredok/