BOGORODICA.BLAGOVESHTENIE6
„Според богомудрите и апостолски зборови во Посланието на Источните Патријарси знаеме дека "самиот црковен народ е чувар на православната вера и предание". Немојте да се случи тој сѐ уште верен Божји народ еден час да дојде до тоа денешните Епископи да не ги признава повеќе за носители и чувари на апостолско-светоотечката вера, како што тоа православниот народ знаел да го прави многупати во својата крстоносна историја. Во матните и мртви води на екуменизмот, во кои некои од нив зацапале, ретко кој од православните се одржал, а да не почнал да тоне во ереста на неправославието и злославието. Но знаеме за сите времиња и за сета вечност: никој не може да остане во Православната Црква Христова не држејќи се до благочестивиот богочовечки соборен пат на Светите Отци и Исповедници на Православието. Да се сетиме на евангелското правило на Св. Григориј Палама, изречено во писмото до Антиохискиот Патријарх Игњатиј во 1345 год, кога овој отстапил од православното учење: "Оние кои се од Црквата Христова, тие се и од Вистината; а оние кои не се од Вистината, не припаѓаат ни на Црквата Христова... Зашто ние сме научиле дека Христијанството не го мериме по лицата, туку по вистината и по точноста на верата". Ова, со векови испробано и сестрано потврдено православно правило на Св. Григориј Палама, е постојано правило на Православната Црква и на православните Исповедници и на православниот народ Божји од Светите Апостоли до денес, па со благодатта Божја и со силата Божја ќе биде и од денес и до века“.
Како и:
„Каков помор ги коси душите на нашите деца и на нашата младина без православната настава. Каква духовна смрт го пустоши нашиот православен народ кој не е православно и светоотечки просветен. За својата Православна вера и за светоотечкиот живот и пат тој скоро ништо не знае, та затоа и лесно постанува плен на разновидни секташи, кои сѐ повеќе и повеќе се шират по нашата Православна земја. Жално е исто така што нашите богослови, и оние во богословијата и оние на факултет, не го знаат светоотечкиот пат во верата и во животот, во црковната дејност и црковната организација, во православната догматика и етика, во православната еклесиологија, во православниот литургиски и духовен живот; со еден збор: во сите области на Богочовечкото православно црковно битие и постоење, православната аксиологија и критериологија. А како тие јадни деца и би можеле да го знаат тој православен, апостолско-светоотечки пат, кога ние црковните пастири не држиме до него, кога тоа од нас не може ни да се научат, ниту на нас да се угледаат? Затоа прва и последна наша потреба денес е: да се вратиме на православниот пат на Светите Отци во секој поглед и на секое ниво на црковниот живот и работа. Само тоа може нас јадните да нѐ спаси и ослободи од робувањето на разните човекоугодништва и човекослужења, и да ги испере мноштвото наши досегашни гревови. Зашто тоа робување е рамно на идолопоклонство, рамно на служење на лажните идоли на нашиот анархистичко-нихилистички век. Без апостолско-светоотечкиот пат сигурно ќе потонеме во мртвото море на европското културно идолопоклонство, и наместо на Живиот и Вистински Бог ќе им служиме на лажните идоли на овој свет, во кои нема спасение, нема воскресение, нема обожение за тажното битие кое човек се вика“.

 

 

Избор од фб профил на

Сузана Стефановска