Молебен канон на Пресвета Богородица
(се кажува во секоја неволја и душевна тага)

Глас 8. Песна 1. Ирмос :
Преминувајќи ја водата како по суво и избегнувајќи го Египетското зло, Израилот воскликнуваше : Да му пееме на нашиот избавител и Бог !
припев : Пресвета Богородице, спаси не !
Обземен од многу напасти прибегнувам кон Тебе барајќи спасение, о Мајко на Словото и Дево, спаси ме од маки и ужаси.
припев : Пресвета Богородице, спаси не !
Ме вознемируваат нападите на страстите, исполнувајќи ја со голем страв мојата душа, но смири ја, Пренепорочна Дево со тишината на Твојот Син и Бог.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Те молам Тебе, Дево, Која си Го родила Спасителот и Бога, од маките да ме избавиш, зашто кон Тебе сега прибегнувам и ги упатувам душата и умот.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Удостој ме со божествена посета и со Својата грижа мене, кој страдам со телото и душата, Ти единствена Богомајко, зашто како Добра си Го родила Добриот.

Песна 3. Ирмос :
Створителу на небесниот свод и Создателу на Црквата, Господи, утврди ме во Твојата љубов, Ти - место на желбите, потпоро на верните, единствен  Човекољубив.
Застапништвото и заштитата на својот живот Ти ги препуштам Тебе Дево, Богородителко, Ти упати ме кон Твоето пристаниште, причино на добрините, снаго на верните, единствена најславена.
Те молам, Дево, да се стиши душевниот немир и бурата на мојата тага, зашто Ти, Богоневесто, си Го родила Христа, Господарот на тишината, единствена Пречиста.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Раѓајќи Го Добротворот, причинителот на добрините, излеј  врз сите богатство на добродетели ; Ти можеш се, Богоблажена, зашто си го родила Христа, моќниот во крепоста.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Мене, измачуваниот со тешки маки и болни страдања, Дево, Ти помогни ми, зашто знам дека си неисцрпно богата ризница на исцеленија, о Пренепорочна !

Песна 4. Ирмос :
Ја слушнав, Господи,тајната на Твојата промисла, ги разбрав Твоите дела и го прославив Твоето Божество.
Немирот на моите страсти и бурата на моите престапи стивни ги Богоневесто, Родителко на патеводителот Господа.
Покажи ја бездната на Својата милост кон мене кој Те призивам, Ти Која си Го родила Милосрдниот и Спасителот на сите кои Тебе Те опеваат.
Насладувајќи се од Твоите дарови, Пречиста, благодарствена песна Ти пееме ние, кои Те познаваме како Богомајка.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух и сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Имајќи Те Тебе, најславената, како надеж и потпора и сигурен бедем на спасението, се избавуваме од секаква непријатност.

Песна 5. Ирмос :
Господи просвети не со Твоите заповеди, и со Твојата возвишена рака дај ни го Твојот мир, Човекољубив !
Исполни го со веселба моето срце, Пречиста, давајќи ми ја Твојата чиста радост, зашто си Го родила причинителот на радостите.
Избави не од опасности, Чиста Богородице, зашто си родила вечно избавување и мир кој го надминува секој разум.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Со светлината на Својот сјај растерај ја маглата на моите прегрешенија, Богоневесто, Ти Која си ја родила божествената и превечна Светлина.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Исцели ја, Чиста, слабоста на мојата душа, Ти, Која ме удостои со Твојата посета, и дарувај ми здравје со Твоите молитви .



Песна 6. Ирмос :
Ке ја излеам молитвата моја кон Господа и ќе Му ги кажам Нему моите јадови, зашто мојата душа се исполни со зло, и мојот живот се приближи до пеколот, па се молам како Јона : Боже, изведи ме од пропаста !
Како што ја спасил од пропаст и смрт мојата природа заробена од пропаста и смртта, предавајќи се самиот на смрт, Дево моли Го Господа и Синот Твој да ме избави од злобите на непријателите.
Те познавам Тебе, Дево, како заштитничка на животот и најсигурна одбрана, Која ослободува од немирите на искушенијата и ги изгонува ѓаволските напади, па постојано Ти се молам : избави ме од пропаста на моите страсти !
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Како бедем на спасението те имаме и потполно избавување на душата и олеснување во неволјите, Девојко, и секогаш се радуваме на Твојата светлина. О, Господарко, и сега спаси не од страдања и опасности !
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Немоќен сега на постела лежам и му нема лек на моето тело; но Родителко на Бога и Спасителот на светот и од болести Избавителот, Те молам Тебе, Добра : избави ме од убиствената болест !

Песна 7 Ирмос :
Некогаш доаѓајќи од Јудеја во Вавилон момчињата со вера во Светата Троица го изгаснаа пламенот во печката пеејќи : Благословен си, Боже, на нашите отци !
Сакајќи, Спасителу, да го извршиш нашето спасение, си се вселил во утробата на Дева, па ја покажа како застапничка на светот. Благословен си, Боже, на нашите отци !
Мајко, Чиста, Ти, Која си Го родила Љубителот на милоста, замоли Го да се спасат од престапи и душевни нечистотии сите кои со вера извикуваат: Благословен си, Боже на нашите отци !
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Си покажал дека Твојата Мајка е ризница на спасение, и извор на чистота, и кула на сигурност, и врата на покајание на оние кои пеат : Благословен си, Боже, на нашите отци !
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Богородителко, удостој ги со исцеление од телесни слабости и душевни болести оние кои со љубов пристапуваат кон Твојата заштита, Ти Која нам ни Го роди Христа Спасителот .

Песна 8. Ирмос :
Небесниот Цар, Кого Го прославуваат војските ангелски, фалете Го и величајте Го во сите векови !
Дево не ги презирај оние кои од Тебе молат помош, кои Ти пеат и Те величаат во векови.
Душевните мои болести и телесните маки ги исцелуваш, Дево, да Те славам, Чиста, во векови.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Дево, Ти излеваш здравје во изобилство врз оние кои Ти пеат верно и го величаат неискажливо Твоето рождество.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Навалите на искушенијата и нападите на болестите Ти ги одгонуваш, Дево, затоа Те славиме во сите векови.


Песна 9, Ирмос :
Навистина те исповедаме како Богородица, ние, кои сме спасени преку Тебе, Чиста Дево, величајќи Те со бестелесните хорови.
Не одвраќај се од течението на моите солзи, Дево, Родителко на Христа, Кој ја брише секоја солза од секое лице.
Исполни го срцето мое со радост, Дево, Ти, Која си ја примила полнотата на радоста, и си ја истребила греовната жалост.
Дево биди им пристаниште и заштита, бедем несоборлив и засолниште, и покров и радост на оние што кон Тебе прибегнуваат.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Одгонувајќи го мракот на незнаењето, Дево, просвети ги со зракот на Твојата светлина сите оние кои како Богородица побожно Те исповедаат.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Наместо маки, од болеста паднатиот исцели го, Дево, променувајќи ја болеста во здравје. 

 

Подготви: С.Л.

16-ти септември 2018 лето Господово