Има празници, чијашто сила се состои во спомнуваниот настан; важно, значително во нив, решавачко за човечките судби е она што се случило; таков празник е Рождеството Христово или празникот Воскресение; одлучувачко значење има тоа што навистина во тој ден Бог стана човек и се роди на земјата, дека токму во тој ден воскресна Господ, Кој умре со смрт на крст заради нашето спасение.

Има и празници, како и икони, кои ни говорат за некој внатрешен настан, иако историските околности не се јасни. Таков празник е Воведението во храмот на Пресвета Богородица. Едвај е возможно историски да се одиграл тој настан во древниот Ерусалим, кој се опишува во богослужбените песни; но тој ни соопштува нешто позначително, поважно за Мајката Божја, отколку нејзиното физичко влегување во Светињата на светиите, кое му било забрането и на Првосвештеникот. Во тој ден, кога Пресвета Богородица, достигнувајќи ја раната зрелост, која го прави детето способно лично да го доживува, лично да го прима и да се отповикува на таинственото допирање на благодатта, кога, достигнувајќи ја таа возраст, таа влегла вистински, вистински, вистински во Светињата на светиите – не во материјалната Светиња на светиите на храмот, туку во таа длабочина на Богоопштењето, која историскиот храм ја претставувал.

И со каков трепет ние треба да ги читаме зборовите во богослужбените книги, кои им се припишуваат со таква нежност, со таква длабочина на Јоаким и Ана: Оди, чедо! И биди Му на Оној Кој ти дал сѐ почест и слатко благоухание! Влези во таа област, каде што нема врати; научи ги тајните и подготвувај се да станеш место за вселување на Самиот Бог… Колку е чудесно да се помисли, дека мајката, таткото може да се обратат кон детето со такви зборови: Влези во таа длабочина, зачекори во таа тајна, каде што нема никаква материјална врата, и подготви се да бидеш принос на Бога, слатко благоухание, место за вселување…

Така некои отци на Црквата и светиот Теофан го толкуваат ова влегување на Мајката Божја во храмот, во Светињата на светиите. Недопрена од гревот, неизвалкана од ништо, но веќе способна со чисто срце, со неосквернето тело, непомрачен ум да одговори на светоста, на славата, на чудесноста Божја, тригодишното девојче се испраќа во тие длабочини на молитвено, созерцувачко заедничарење.

И на друго место од тоа богослужение читаме, како тивко ѝ вели архангелот Гавриил, да се отвори за Бога и да се подготви да стане место за вселување на Спасителот Кој доаѓа.

Ете за што ни говори празникот: за тоа, како со своите први чекори, поучувана од мајката и таткото, раководена од ангелот, таа стапува во тие длабочини на молитвата, безмолвието, благоговението, љубовта, созерцувањето, чистотата, кои сочинуваат вистинска Светиња на светиите. И зарем после ова е чудно зошто овој ден го славиме како почеток на спасението: првата од сите созданија Пресвета Дева стапува во тие непроодни, непристапни длабочини, влегува во тоа општење со Бога, кое ќе расте и ќе расте, неизвалкано, непомрачено, неосквернето во текот на целиот нејзин живот, до моментот, кога, како што пишува еден од западните писатели, таа ќе може, како одговор на Божјиот повик, да го произнесе името Божјо со сиот свој ум, со сето срце, со сета волја, со целата своја плот и заедно со Светиот Дух, да го роди воплотеното Слово Божјо.

Да, во денот на овој празник навистина се извршува за нас јавувањето на овој чудесен настан, почетокот на тоа растење, но исто така ни се дава и пример за тоа, кон што сме повикани, каде нѐ вика Господ: во Светињата на светиите. Да, ние сме осквернети; да, нашите умови се помрачени; да, нашите срца се нечисти; да, нашиот живот е полн со пороци, недостоен за Бога. Но на сите ни е достапно покајанието, кое може да ни го очисти умот; и во телото, и во срцето, да ја поправи нашата волја, сиот наш живот да го направи правилен, та и ние да можеме да влеземе во Светињата на светиите.

И во тој празник, во зборовите, кои ги прочитав на почетокот, кои како да се изречени од свети Јоаким и Ана, зарем нема призив кон секоја мајка и кон секој татко, та уште од мали нозе, од моментот кога детето може веќе ако не со умот да сфати, барем да прими со срцето, да прима нежност, да прими благодат – да им кажеме и на нашите деца: оди побожно, со трепет во таа област, каде што нема никаква врата, ни црковна, ни умствена, ниту било каква друга, туку само безмолвно стоење пред Бога, т.е. Светињата на светиите, за да пораснеш во полната мера од растот Христов, да се уподобиш на Мајката Божја и да станеш храм, место за живеење и на Светиот Дух, и на Господ во таинствата, да станете деца на Небесниот Отец. Амин!

Превод од руски: Свештеник Јани Мулев

Изворник:  http://www.mitras.ru/inname/in_32.htm

Извор:http://amvon.mk/2017/11/vovedenie-blum/