Молитва во почетокот на Велигденскиот пост
Posted on Февруари 2, 2014    by Маран Ата

 

Господи Исусе Христе Боже наш, надеж на сите краишта на земјата и на оние кои се далеку по морињата: ти си ги определил овие свети посни денови преку законот и пророците, предложувајќи ни начин на покајание и умртвување на страстите.

Самиот Ти, Боже наш, откако се исполни времето, јавувајќи се во тело на земјата, си озаконил и си осветил четириесет дни и ноќи да се пости, а бидејќи си дарежлив и милостив, благоволи да ги поминеме овие свети денови во совршено покајание, во нелицемерно смирение, во усрдни молитви, без алчност за храна и неумерено пиење, во често приклонување на колената, со срце смирено и скрушено, без порок и со чиста совест, запазувајќи ја цврсто верата и победители над гревот да постанеме.

Придружи му ангел верен на нашиот живот, за да ги зачува нашите животни патеки неповредени и без пречки од сите непријателски напади и стапици, упатувајќи нè кон извршување на сите добродетели. Во деновите од постот кои ни претстојат закрепувај нè со Твојата сила во сите наши подвизи, во воздржувањето од страстите, во очистувањето на душата и телото, та да се удостоиме неосудено да се причестиме со Твоето пречисто тело и со Твојата пречесна крв.
Зашто Ти си Бог на милоста, добрините и човекољубието, Кој сакаш сите да се спасат, и Тебе слава Ти вознесуваме со беспочетниот Твој Отец, и Пресветиот и Добар и Животворен Твој Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Извор: Православен МОЛИТВОСОЛ