Потценувачки би било кога би рекле дека има многу што напишано за празникот на Успението на Пресвета Богородица. А сепак, толку малку се пишува за постот што му претходи на овој празник.

Секој православен христијанин е свесен и запознаен со причините за постите пред Пасха и Рождество Христово. И макар што можеби некој чул за Успенскиот пост, ретко кој го почитува, а уште поретко пак некој знае зошто Црквата го благословува.

Прво, со оглед на присутното погрешно разбирање на постот, секогаш е добро да се потсетиме на неговата цел. Постои едно гледиште според кое треба да постиме тогаш кога посакуваме нешто, а чинот на постење како да стига до Бога, Кој кога нè гледа како „патиме“, ни го исполнува барањето. Ништо не може да е подалеку од вистината! Бога не Го задоволува нашето постење, туку плодовите од нашиот пост (а не од нашата диета). Постиме не за да го добиеме она што го посакуваме, туку да се подготвиме себеси да го примиме сето она што Бог благоволи да ни го дарува.

Целта на постот е да нè уподоби со една друга Марија, сестрата Лазарова, и да нè оддалечи од Марта, која во познатиот стих „се грижи за многу работи“. Постењето има за цел да нè поучи, да сфатиме дека „само едно нешто е потребно“. Постењето ни помага Бога да Го ставиме на прво, а нашите желби на второ место, ако не и на последно. Како такво, тоа нè подготвува да станеме лири на Божјата волја, слично на Мојсеевиот пост, но и оној на Спасителот.

Постот нè одвраќа од себеси и нè свртува кон Бога. Во суштина, ни помага да ѝ се уподобиме на Богородица, слугинката Божја, која Го слушнала Неговото слово и го пазела подобро од било кој друг.

Тогаш, зошто постиме пред Успение? Во едно тесно поврзано семејство, кога мајката се наоѓа на смртна постела, нормалните активности запираат. Сè што ни се чини важно (забави, телевизија, луксуз, лични желби) станува неважно; животот како да се врти околу мајката која умира. Истото се случува во семејството на Православните; тоа што нашата Мајка се наоѓа на успенска постела не може (или барем, не би требало) да има поинаков ефект отколку тој што го споменавме.

Црквата, преку Молебените, ни дава можност да ѝ пристапиме на успенската постела и да ја умилостивиме и помолиме жената која Бога Го роди, садот на нашето спасение и најголемиот застапник пред Неговиот божествен трон. И исто како со случајот со семејството, дневните рутини и занимавањето со личните желби сопираат. Постот во својата полнота (воздржување од храна и страсти) го постигнува ова. Помалку време потрошено за слободни активности остава повеќе време за молитва и созерцување на онаа која Христа ни Го дари, и која беше прв и најголем христијанин. Созерцувајќи ја неа и нејзиниот неспоредлив живот, гледаме еден модел на христијански живот, воплотување на Христовиот одговор на жената која ја нарече блажена зашто Го родила: блажени се оние кои Го слушаат Неговото слово и го пазат.

Богородица го сторила ова подобро од било кој друг. Како што вели о. Томас Хопко, таа Го чула Словото Божјо и толку добро Го пазела, што токму таа, од сите жени во времето била избрана не само да Го слуша Словото, туку и да Го роди. И така, постејќи и созерцувајќи го нејзиниот живот, истовремено се трудиме да се подготвиме да го подражаваме нејзиниот живот. Тоа е целта на Успенскиот пост. чтец Даниел Манзук


Извор: http://agapi.mk/uspenski-post/

Друго:

БОГОРОДИЧЕН ПОСТ

Овој пост е востановен во чест на Христовото Преображение и Успението на Пресвета Богородица и се пости на следниов начин: во понеделник, вторник, среда, четврток и петок не се јаде масло. Масло се употребува само во сабота и недела. Риба се разрешува само на Преображение.

ПРАВИЛА И ОДРЕДБИ НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ЗА ПОСТОТ (3 дел)