V.Georgij.Bg

На Православниот Богословски Факултет во Белград на 11 и 12 декември 2025 година, се одржува Меѓународен научен собир под наслов: „Од Никеја до денес (325–2025): Трајното значење на Првиот Вселенски собор“, во спомен на големиот јубилеј – 1700 години од одржувањето на Првиот Вселенски Собор.

На овој собир свое излагање, во првата сесија, имаше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, на тема: „Важноста на Vita Constantini на Евсевиј Кесариски како историски извор за Првиот вселенски собор“.

Научниот собир беше свечено отворен на 11 декември од страна на Неговата Светост патријархот Српски г.г. Порфириј. Во своето поздравно слово во оваа пригода, српскиот Патријарх истакна:

V.Georgij.Bg2

„Сведочејќи собрани овде, во ова чесно училиште на божествената наука, за исполнувањето на 1700 години од големиот црковно-историски настан – Првиот Вселенски Собор во градот Никеја во 325 година – и денес сведочиме дека е вистинито трајното Божјо ветување за секогаш присутниот Дух во Црквата, Кој ја вдахновува, теши и раководи низ историјата на спасението, низ сите Сцили и Харибди на искушенијата на овој век.

Денес се потсетуваме на никејските, соборни светоотечки заложби, кои им се предадени на генерациите на Црквата и со кои се задолжени ’родови на родовите’, како неисцрпно богатство на непроменливи вечни вистини од Откровението за едносуштноста на Логосот и Божјата Премудрост со Отецот, за вечното раѓање на вистинскиот Бог од вистинскиот Бог и за Неговото воплотување за спасението на светот.“

Деканот на Православниот богословски факултет во Белград, јереј проф. д-р Србољуб Убипариповиќ, упати зборови на добредојде до сите учесници на конференцијата.

Говорејќи за значењето на самата конференција, деканот истакна дека научниот собир овозможува пополнo согледување на историскиот контекст на Соборот во Никеја, причините за неговото свикување, темите за кои се расправало, како и трајните последици од неговите одлуки. Особено нагласи дека никејското богословско и канонско наследство не е само историска тема, туку темел на црковниот живот до денес.

Понатаму во своето обраќање проф. д-р Србољуб Убипариповиќ се осврна на двете главни теми на Никејскиот Собор: борбата против аријанската ерес и усогласувањето на датумот за празнување на Пасха. Тој особено укажа дека значењето на Соборот било препознаено не само во богословието, туку и во богослужбената практика на Црквата. Како пример наведе дека во древната Црква на Воскресение Евангелието според Јован се читало на два јазика – грчки и латински – како знак на единството меѓу христијаните од Исток и Запад.

Научниот дел од првиот ден на собирот беше организиран во три тематски сесии, во рамките на кои истражувачите ги претставија своите трудови за богословските, историските, филолошките и еклисиолошките аспекти на никејското наследство.

Во првата сесија вниманието беше насочено кон христологијата, тријадологијата и историските извори поврзани со Првиот Вселенски Собор. Втората сесија ги опфати филолошките, антрополошките и етичките теми, како и прашања за слободата, нужноста и бројната символика во контекстот на Никеја. Третата сесија се занимаваше со библиски, егзегетски и ранохристијански теми поврзани со Никејскиот Собор.

 

 

 

https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/megjunaroden-nauchen-sobir-od-nikeja-do-denes-325-2025-vo-belgrad/