Македонската академија на науките и уметностите вчера одбележа 87 години од раѓањето на својот прв претседател, академик Блаже Конески.
Со пригодна реч се обрати претседателот на МАНУ академик Георги Старделов, а беше прикажан и документарниот филм за Конески "Проста и строга македонска песна".

Академик Старделов со присутните во МАНУ сподели сеќавање од своите контакти со Конески, откривајќи дека присуствувал на моментот кога поетот во 1987 година ја добил идејата за песната "Читач", објавена една година подоцна. Тој рече дека во личноста и делото на Конески, меѓу неговото лингвистичко и поетско творештво, не постои посебна разлика и оти кај него "пеењето и мислењето никогаш не го изневеруваат живеењето".
- Има во неговите стихови и научни расправи голем дел од историското колективно искуство на родот наш, за тоа како се живеело, страдало и умирало под небесниов свод! Но, над сето тоа и заедно со сето тоа, има и се одвива во творештвото на Конески една виолентна драма на колективот наш да се крене и извиши од смачкано племе во наши ѕвездоподобни навигации, гледајќи го низ нив она судбинско што "се плело од века" во простата и строга македонска песна. Затоа и израсна во столб на новата македонска книжевна и јазична епоха од втората половина на дваесеттиот век, истакна академик Старделов.


ЧЕСТВУВАЊЕ НА КОНЕСКИ ВО МАНУ
Конески ја извиши Македонија до ѕвездите
Блаже Конески е симболична личност која ги соедини македонскиот народ и македонскиот јазик, рече Катица Ќулафкова на свечениот собир посветен на македонскиот книжевен великан Блаже Конески, кој се одржа вчера во просториите на МАНУ. Овој значаен собир беше организиран од МАНУ и од Фондацијата „Рамковски“ на денот на раѓањето на Конески. За трајниот и неодминлив белег кој во македонската литература и јазик го остави Конески, за неговото обемно поетско и лингвистичко творештво говореше претседателот на МАНУ, Георги Старделов. - Блаже Конески со своето знаменито дело ни втисна неодминливо културно и историско достоинство. Со незаменливото толкување на нашето битие ја извиши Македонија до ѕвездите - рече Старделов. На свеченоста беше прикажан документарниот филм „Строга и проста македонска песна“ во продукција на Фондација „Рамковски“. Стихови од Блаже Конески интерпретираше актерот Славко Нинов.