TVIT10

Живот во девет квадрати

           Никој не ми кажал дека да се биде сиромашен е злодело. Честопати сме дочекани како крадци, се гадат од нас. Знам дека овие претпоставки за нашата чесност ја болат мама и затоа штом забележам дека веѓата се спрема да ѝ избега од челото, ја фаќам цврсто за раче и ја стегнувам. Од овој стисок солзите застануваат и тогаш се гордеам колку само сум силна, нешто на што сиромаштијата нема влијание.
          За децата Нова година се преведува со лампиони, елки, слатки, играчки, повеќе играчки, многу играчки, и повторно слатки. И јас сум дете ама немам кукла. Затоа, пет дена пред Новата година се молев на Богородица да добијам кукла. Добро, му напишав и писмо на Дедо Мраз, го оставив под елката во дворот, затоа што во нашата соба нема место за елка. Живееме еден над друг, што би рекла мама.
             Ден по моите молитви на ѕидот се појави темна дамка, беше речиси иста како куклата што јас долго си ја замислував во потсвеста. А после моите молитви, немаше никаков сомнеж дека Дедо Мраз конечно ја доставил куклата на мојата адреса. Веројатно буквално ме сфатил и ја заѕидал во куќата. Сепак бев благодарна, иако не можев да ја земам во раце и да ја помилувам. Сум слушала за кукли од порцелан, кукли од конец, кукли од пластика, па зошто да нема и кукли од малтер? Имаше ситни точкички, пеѓи, на образите, две црни прцлиња и разлетано фустанче. Мама не беше задоволна од нашата дружба и не пропушташе да ме искара
-Тргни се од таа влага!
              Досега не ми паднало на памет името на мојата соѕидана кукла. Влага? Ох, Влага, колку убаво и необично име!
Живеевме во една соба од девет квадрати, така кажуваше мама, јас немав ориентација за должината и ширината, за висината на нашиот дом, само ќе слушнев понекогаш како соседите шепотат "живеат во ќибрит". Ќе лажам ако не признаам дека се обидов да ги нацртам со креда деветте квадрати, ама за нив немаше место на подот. Потоа го направив она што најдобро го знам, ги замислив во главата, како што ја замислив и Влага. Во кој квадрат од собата денес да пишувам домашно? Додека и мислите бараа поголем простор, во печката изгасна последниот трупец, некаде после ручек. „Вечерва ќе спиеме замотани во дифтиците, еден до друг. “ небаре во другите денови спиевме на кралски кревет. Ама јас не сакав да ја оставам Влага да замрзне вечерта, кога не можев да ја прегрнам и да ја стопам во прегратка, покрај миризбата на нејзината пластика и синтетичко влакно. Ноќта побрзо поминува ако во сонот некому му дадеш прибежиште.
               Влага од ден на ден стануваше поголема. "Фала ти Дедо Мраз", наивно се заблагодарував. Бев убедена дека штом достигне висина колку мојата ќе излезе од ѕидот. И таа, таа ќе стане мојата новогодишна бајка.
Утредента учителката ни даде задача да ги донесеме омилените играчки за да ги опишеме во писмената задача, притоа да оцени дали раскажаното е соодветно на приликата. Додека сите се подготвуваа за на училиште јас барав начин да ја понесам Влага со мене. Ако не ја однесам, ќе мислат дека Влага е измислено другарче, а јас толку  добро, убаво, со сите епитети им ја опишав, витка, црнокоса, и не смеев да се посрамам пред класот.
Со едно чеканче удрив по ѕидот и малтерот почна да се рони. Бев возбудена, исчекував дека Влага ќе се ослободи, ќе ми скокне во раце, јас ќе бидам нејзин Џепето. Но после ударот од Влага не остана ништо, она што падна во моите дланки, тажно се срони, а со неа и нејзината надеж за мојата чудесно појавена кукла на ѕидот.
„Се одморивте добро за распустот? Се надевам ги наполнивте батериите. А си ја знаете денешната задача, ајде извадете ги вашите омилени играчки, да се запознаеме меѓусебно.“
               Моите соученици со насмевки на лицето ги одвиткуваа играчките, Робот, Барбика, Пони, плишано мече, од ранците педантно скокаа секакви животни и личности. Беа радосни што ја споиле играта со улилиштето. Кога сите веќе ги оставиле на клупата, учителката погледна во мене. "А ти Сара не ме слушна?"
             Јас гледав во клупата, мислев ако гледам доволно долго учителката ќе помисли дека не можам да зборувам, и прашањето ќе остане неодговорено. Стегав , и иако бев силна и можев да ги запрам солзите на мама, не умеев да ги запрам моите. Тие виновно почнаа да се тркалаат по моето лице наместо одговор. Учителката потрепери, јас не ја гледав и се уште ја одржував главата под аголот на подгрбавеноста, и стана непријатно. Можеби не сум најодличната ученичка во одделението, но добро распознавам чувства, особено кога се прикриени. Најверојатно тоа се должи на состојбата на сиромаштија, кога немаш ништо учиш да го негуваш тоа внатре во тебе, затоа што сакаш да ја почувствуваш убавината на животот по секоја цена.
"Тоа што го имаш во твоето срценце е бесплатно, а во исто време и бесценето." Така ни велеше мама, покажувајќи со палецот кон центарот на секое дете, срцето.
            Не ја кревав главата, затоа што на моето лице се јазеше ново злодело, солзите. И од нив луѓето се срамат како што се срамат од сиромаштијата. Знам дека сите гледаат во мене и косата нема да ме сокрие од нивните љубопитни погледи, од нејаснотијата зошто липам тивко, наместо гласно, како на пример кога некој ќе си го удри силно, најсилно, коленото. Затоа што срамот е потрпелив од болката .
              Сузе од соседната клупа станува. Солзите ми ги замаглиле очите, но живеејќи во толку мал простор, научив да ги замислувам движењата на луѓето околу мене и без да ги видам. Се упатила кон кантата за отпадоци. Слушам пад на некаков предмет, ударот е тап, како таа да ја фрлила својата плетена кукла. По Сузе станува Дарко. И тој фрла нешто во кантата. Сите стануваат еден по еден, молкум, јас веќе охрабрено ги бришам солзите, ми предизвикаа љубопитност. Кога последната солза го напушта моето око, присилно е избришана од ракавот на џемперот, кантата за отпадоци станала буниште на играчки. Сон на секое дете. А сепак, внатре почиваат соништата на моите соученици. Гледам во учителката. И таа се воздржува да не просолзи, ама не е тажна како мене, горда е. Со погледот сака да не прегрне сите одеднаш.
             "Ете денес, ќе ја опишеме емпатијата. Уште подобро и ќе ја опишеме и ќе ја нацртаме. Знаете што е емпатија? Тоа е нешто најубаво на целиот свет, кога може да почувствувате што мисли и осеќа другарчето. Па да ја споделите таа среќа или тага како да е ќифла, мастика, лист од средина. Ова нешто не може да го има секој, волшебно е. Ајде да и' дадеме лик на тетка Емпатија. "
Нашите мали дланки пишуваат. Пишуваат со прстите на душата, со гласот на играчките фрлени во кантата, само за јас да не бидам осамена во својата тага.
            Се враќам дома со составот и цртежот  за тетка Емпатија, неверојатно многу личи на мојата Влага. Влага оставила дупка зад себе, на ѕидот, ама пополни неверојатно место во моето сеќавање. Се раскомотив на душекот, нашата дневна, спална и трпезарија, нашиот кревет и маса. Јас бев среќна што овие девет квадрати имаат магија да ми ги остваруваат желбите. Го залепив цртежот со тетка Емпатија на ѕидот и помислив што следно да посакам за да ми се оствари.
             *Желбите се произволност на нашата имагинација. Се остваруваат се' додека го негуваме жарчето во нашето срце. Кога силата на волјата ќе се потпали, ниту една солза не ќе успее да ја изгасне. Децата се мали и скриени ќибритчиња на емпатија. Колку и кога ќе се распламтат зависи од тоа како родителите ги наоструваат. *

 

Јануари 2023 лето Господово