TViter224

Јована Матевска Атанасова

TViTer249елосипедистот


          Работев во претпријатието Јавни Паркинзи и овој Велигден времето направи неочекуван пресврт, небото се расчисти и пладнињата беа пријатно топли. Луѓето се соочија со ненадејниот атмосферски притисок и промената на своето биометео, па омамени од жештината нервозно бараа место за паркинг, особено помладите кои ги чекаше резервирано столче низ кафулињата на Градската улица. Свиреа, пцуеја, покажуваа прсти и гестикулираа вулгарно, иако штотуку излегле од црква. Сосема нехристијански, спротивно на смислата на празникот.
          Во врвулицата се појави и едно црно Ауди. Автомобилот пред него само што заминуваше. Одвнатре трештеше гласна музика , низ отворените прозорци мирисаше на цитрусен озонер и вклучен клима уред.
Детето, веројатно имаше дваесеттина години, а според начинот на кој отсечно, грубо и школски паркираше, можеби и помалку. Зад автомобилот се построи велосипедист. Го познав по шапката, тоа беше чичко Томо, пријател на татко ми од старата маала. Сиромав и сирот, преживеа мозочен удар пред неколку години, но тоа не го спречи да продолжи со вообичаените активности, кои во неговата ситуација беа и неопходност. Немаше кој да се грижи за него. Ќе ја скриеше главата од препек сонцето под капче и неуморно вртеше на педалите, додека капките пот му се цедеа по снагата. Од местото на живеење пазарот му беше далеку и за секоја потреба беше принуден да го исползува најевтинот погон-нозете.
          Кога возачот на Аудито го забележа велосипедистот, заспа на свирката. Нагази по неа со дланката и ја подаде главата низ прозорчето. „Абе тиквар, ти слеп ли си? Јас тебе ќе те чекам цел ден? Дај тргни ја таа крнтијата да не ме изнервираш, па да си ја собираш од на отпад!
         А Томо како Томо, добродушен, мек како потквасен леб, се поттргна додека возачот го блокираше сообраќајот со недоволно вештите потези кои ги научил на полигон. Не беше за секого предодреден брз и гломазен автомобил.
Ме фати некоја необјаснива лутина додека заминуваше чичко Томо со измачениот и згрчен израз низ кој наѕираше маката. Имаше уште долг пат до дома. И татко ми има велосипед. Би дозволил некој вака да го понижува? Додека чичко Томо по најголемата горештина го минува градот, надуенкото се перчи со машината која и не знае да ја управува и тоа додека удобно седи во климатизиран простор. Нема почит кон постариот затоа што воланот му дава некаков авторитет?
           Точно пред да го направи завршниот потег му приоѓам. Не тој, јас ќе го имам последниот удар. -Дечко не може да паркираш тука.
Збунето и бледо ме гледа, поднамалувајќи ја музиката.- Како?
            -Местово е наменето за инвалиди.
Се поднаведнува и гледа напред низ шофершајбната, па ја вади главата низ проозрецот барајќи ознака. -Ама не гледам ознака.
          -Жалам. Правила се правила. И тие МОРА да се почитуваат!- ги нагласувам последните зборови, иако знам дека дечкото е емоционално неписмен и нема да разбере кон што алудирам.
           Лут и набабрен, со поглед кој кажуваше „ќе видиш ти“ , едвај ја вади предницата на автомобилот нанапред. Ја збучи колата и низ силен пцуеж изваден од него и автомобилот замина. Тој ден не направив големо дело за човештвото, но во себе, ја одбранив честа на велосипедистите кои арогантните и нервозни возачи постојано ја погазуваат. Нема да бидеш совесен возач се’ додека се однесуваш супериорно кон останатите учесници во сообраќајот.
         

*Не се однесувајте надмено. Не заборавајте, во животот и возачот некогаш бил пешак.

 

 Извор фб профилл на Јована Матевска Атанасова