3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Марија Коробар-Белчева
Еден непознат ракопис на Конески


Тој е ѕвезда на македонското небо што не смее да згасне за да не згаснеме со неа.

И кога помислив дека за Конески е многу кажано од многу поумни од мене и дека тешко нешто ново може да се каже, пред мене се појави еден негов необјавен текст во ракопис. Текстот има наслов „Вапцаров меѓу македонските писатели“. Го пронајдов во оставнината на Перо Коробар, меѓу други хартии, главно напишани на машина. Беше во бел плик, кој како да не го отворил никој со години и кој како да го чекал токму овој негов голем јубилеј за да биде претставен. Се почувствував како да сум во потрага по светлината. И тогаш си припомнaв. „Ракописите не горат“, ќе напише Булгаков во една реплика во романот „Мајсторот и Маргарита“. A Конески во коментарот кон преводот на поемата на Лазар Поп Трајков на самиот крај ќе констатира дека „и песните имаат своја судбина“, би додала - како и овој текст. Навистина, не исчезнуваат некои големини. Ненадејно и долго се откриваат и преоткриваат. Не знаев дека и првиот драмски текст на Вапцаров „Деветтиот бран“ исто така бил затурен во фиоките на директорот на Народниот театар во Софија и ја видел светлината на денот по повеќе од 20 години.

Овој препознатлив ракопис што е пред мене, претпоставувам, случајно е заборавен и од авторот и од оној што требало да го отпечати, а како што реков, носи наслов „Вапцаров меѓу македонските писатели“. Напишан е во еден здив со потпис Блаже Конески, претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Има само 3 страници со големина на Б2. Нема датум кога е точно напишан, но сепак, според некои јазични особености, временски може да се лоцира некаде во 1947-та. Имено, Конески е претседател на ДПМ од 1947 година, поточно Друштвото е формирано на 13 февруари 1947, а Конески е прв негов претседател. Така и е потпишан во текстот. Тоа е време кога Коробар е директор на првото Државно книгоиздателство на Народна Република Македонија и може да се претпостави дека Конески му го дал текстот непосредно пред неговото итно заминување на нова должност истата таа 1947 г. Имено, Коробар е испратен во Пиринска Македонија, поточно во Горна Џумаја (денешен Благоевград), за да придонесе во градењето на културната автономија на македонскиот народ. Брзината е најверојатно главната причина што овој текст чекал да биде отпечатен цели 74 години.

Некои јазични особености исто така ја потврдуваат оваа временска определба. Највпечатлива е употребата на глаголите на -уе, а не на -ува како што се нормирани подоцна. Се знае дека промената на глаголските форми од типот на -уе во формите на -ува била усвоена на 6 април 1948 година по предлог на Правописната комисија при Министерството за просвета. Значи овој напис е напишан пред 1948г. Употребени се следниве глаголи: ЗАТОПЛУЕ, ЗБОРУЕ, ВЕТУЕШЕ, ПОСТАВУЕШЕ и СТАНУЕ.

Иако текстот е совршен и по содржина и по форма, сепак, мали, сосема мали се отстапките од современиот литературен јазик. Освен глаголските форми на -уе, глаголот опфаќа е употребен во форма обваќа, во минато несвршено определено време (имперфект) обваќаше наместо опфаќаше (очигледно под влијание на прилепскиот говор), а глаголот стои во 3.л. множина е напишан како стоат наместо стојат. Тие отстапки покажуваат дека нормата во таа 1947 г. сѐ уште не е сосема стабилизирана. Природно, поминати се само неполни 2 години од кодификацијата.

Друго што ми побуди интерес е што во таа 1947 се одбележувале 5 години од загинувањето на Вапцаров. Во весниците се јавиле написи по тој повод од Лазо Каровски во „Млад борец“, од Венко Марковски во списанието „Единство“ и на Димитар Митрев во „Нов ден“. И овој текст можеби е напишан по тој повод.

И сега, пред вас, треба да ја претставам содржината на ракописот. Се најдов малку вознемирена. Па јас не сум литературовед, а пред мене е текст на врвна наша творечка личност, великан на нашата литература и лингвистика, кој го подигна цивилизациското ниво на нашата култура, предвесник, визионер со космополитски дух, со висока морална вертикала и според Вангелов, наш модерен класик.

Сепак, ќе се обидам да кажам дека она што Конески го напишал е во духот на тоа време, по ослободувањето. Со колку многу надежи и очекувања одекнува ракописот ќе се уверите при читањето на оригиналот. Тука ја нема онаа тивка тага присутна во неговото поетско творештво, која подоцна ќе стане крик што боли, како сенка, тешка и темна. Тоа е време кога бугарските лингвисти сѐ уште го немаа покажано најгрдото лице на лагата. Треба да се потсетиме дека во таа 1947 година Бугарија го потпишува Мировниот договор во Париз, со кој се обврзува да ги преземе сите потребни мерки за да им обезбеди на сите лица под бугарска власт, без разлика на расата, полот, јазикот или религијата, да ги уживаат човековите права и основните слободи, вклучувајќи ја и слободата на изразување. Тоа е амбиентот во кој е создаден овој напис.

Освен тоа, со сѐ што напиша Конески покажа дека беспрекорно владее со едноставноста. Некои таа негова едноставност ја нарекуваат, со право, сложена едноставност. Тоа ми ја насочи мислата на Леонардо да Винчи, кој по еден повод ќе напише дека едноставноста е ултимативна форма на софистицираната уметност. Tаа едноставност е присутна кај Конески дури и во неговиот философски трактат „Платон против Хомера“, во кој зборува за силината на зборот. Таков е и овој едноставен ракопис, кој го доживеав како внатрешна потреба на авторот да се претстави една вистинска возбуда полна со топли сеќавања за поезијата и за поврзаноста на Вапцаров со родната земја. Тоа се размисли на Конески за поетот Вапцаров, за циклусот патриотски песни што многу пати ги препрочитувал. Всушност, тоа е „живата сраснатост на поетот со родната земја, којашто е моја земјa“, пишува Конески. Со тие песни поетот Вапцаров ги чувствува топлината, дишењето на македонската природа, блесокот на македонското сино небо, високо над највисокиот врв од Пирин, напоменувајќи дека таа природа ни зборува за нашиот човек, за неговата мака, протест, но и за светлиот копнеж за слобода. Според Конески, поетот Вапцаров е поврзан со Македонија со љубов и нежност. Тој е син на борбениот работен народ и постојано мислел на својата поробена, прегазена и разделена Македонија. Таа земја „тој ја опваќаше со еден поглед, во којшто се преливаа пиринските височини и бистрите водје на Охрид, нејзе и го ветуеше и својот млад живот“. Во продолжение е дадена една строфа од Вапцаров во оригинал, т.е. на бугарски јазик. Ја најдов препеана од Гане Тодоровски, инаку е дел од песната „Реферат“. Таа гласи:

...Јас мислам дека

првата капка крв, која

што ќе ја леам

ќе биде за моите

браќа поробени

ќе биде за НЕА...


Конески коментира: „Еве ја крвната близост на Вапцаров со оние луѓе што создаваат македонска литература – тој однос спрема татковата земја што треба веќе слободно да заживее“. Според Конески, Вапцаров се одѕивал на прашањата што ги мачеле и други млади македонски писатели. Едно такво прашање е: „Како да се процени со страста на поетскиот збор тоа што е велико во споменот на нашиот народ?“. Одговор дава самиот Вапцаров со песната „Илинденска“ затоа што Илинден е „пред сѐ жив извор на енергија за нови борби што стоат пред македонскиот народ. Така само ќе се осмисли подвигот на паднатите борци“. Потоа следува строфа од Вапцаров, пак на бугарски јазик, којашто ја најдов во препев исто така кај Гане Тодоровски

...не липам јас, чу ли?

Ќе дојдат други, среде дим и жареж

Глеј го овој тука. Знај: тој е Питу Гули, а

Ти? Секако си Карев...


Вљубеник во народните песни, Конески си го поставува и прашањето „како да се оживотвори за ново звучење наследството на нашата народна песна“. За него прекрасно сведоштво, т.е. одговор, се песните на Вапцаров „Хајдушка“, „Марко Кралевики“ и др.

„Уште повеќе (продолжува Конески) Вапцаров свесно го поставуеше пред себе си и пред другите македонски писатели прашањето како да се твори поезија блиска до народот како што народот сам за себе пее“ и дека од занесеноста во празни апстракции Вапцаров повикуваше назад кон секојдневниот макотрпен, народен живот и кон народните традиции. Конески објаснува дека тоа беше неговата поетска порака што треба да биде програма на младата македонска литература. Во продолжение повторно е дел од песна на Вапцаров во оригинал, повторно во препев на Г. Тодоровски:

Очи ни гледаа

Само во ѕвездите,

Пред нас

Не гледавме ништо.

А в Прилеп

се скриени,

во мовот на спилите

легенди што не чекаат

легенди наши.

Откриј ја со рака

Кората на мракот.

Пиши

И не се плаши.


На самиот крај на овој ракопис Конески поентира со зборовите: „Вапцаров со срцето ја преживуеше романтиката на македонската национална пробуда. Па затоа и е тој меѓу нас – меѓу македонските писатели. Тој создаваше на бугарски јазик, -што е сосема разбирливо,- но по содржината на својата поезија тој е еднакво сврзан и со македонската литература. Тој е еднакво македонски поет и како таков стануе сѐ поомилен во македонскиот народ. Таков го имаме ние што работиме денеска над македонскиот збор. Нашата литература е млада. Не се редат зад неа долг ред имиња. Ќе се свртиме назад. Таму стоат тројцата наши загинати другари - до Рацина и Колета Неделковски – Никола Јонков Вапцаров. Под нивниот строг и драг поглед ние одиме напред“.

Тоа е содржината на ракописот на Конески за Вапцаров и за неговото значење за македонската литература. Зачната е темата за дводомните писатели и тоа широкогледо. Сѐ тече едноставно и многу, многу искрено.

На крајот ќе кажам дека овие двајца наши великани со ѕвездена патека имаат творештво со кое во многу нешто се совпаѓаат. Двајцата, и Конески и Вапцаров, се зачетници на нашата македонска литература. Наши горостаси што ја воспеваат националната идеја. Двајцата се опседнати со судбината на татковината и со гордост ја одгатнуваат нашата историја. Нивниот исконски порив за нашето минато се манифестира со мудри беседи. А според Лидија Димковска (добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ на годинашниве „Струшки вечери“) историјата на секој народ е полнотија, материјал, руда, ризница, бунар, небеса, совест... минатото е вертикалниот столб на нашето постоење, а сегашноста е неговата хоризонтала, нашата линеарна патека, која без минатото ја нема сопствената автентичност“. Во делата на Конески и на Вапцаров блика голема љубов кон својата родна грутка, кон нашата сончева питомина (синтагмата е на Гане Тодоровски). Тоа се култни личности што со своите тематски определби и пораки ѝ прават пат на модерната, на авангардата во литературата. Вапцаров е душата на Кружокот, на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој членуваат поети од сите 3 дела на Македонија. Тој го чита својот реферат на конститутивното собрание и искажува јасна мисла за неговото дејствување. Ќе каже: „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“. Овој речиси ист акорд ќе одекне кај Конески 9 години подоцна на првото собрание на Друштвото на писатели на Македонија на кое тој е прв претседател, но во сосема поинаква историска констелација. Гане Тодоровски на Струшките вечери на поезијата 2009 г. по повод 100-те години од раѓањето на Вапцаров ќе заклучи дека пророштвото на Вапцаров е реализирано.

Грандиозни се овие подвизи на овие наши литерати, следбеници на „Лозарите“ и на „Македонското литературно другарство“ во Петроград. Тие и по дух и по содржина создаваат македонска национална литература. Затоа нивниот спомен треба трајно да се негува. Но нивното творештво е и со лирски восклик за она што е невидливо, а е најдрагоцено во животот како што се љубовта, пријателството, грижата, мистериите на природата. Писателот од Фарските Острови Ким Симонсен ќе напише дека само поетите можат да слушнат како растат лисјата.

И уште нешто.

Конески во овој текст не ја споменува средбата со Вапцаров во 1941 г. Тоа е време кога тој имал само 19 години. За ова пишува Коце Солунски во книгата за Кузман Јосифовски, од 1973 година. Имено, група студенти, предводени од Кузман Јосифовски и Мирче Ацев, на свадба кај еден Македонец во Софија настапиле како „поети од Пиринска и Вардарска Македонија – Никола Вапцаров, Венко Марковски, Блаже Конески и др.“ За среќа, настанот поминал без последици. Но, се сретнаа тие повеќе пати во своите стремежи, но и во песната „Македонски писатели“ каде што Конески напоредно со Рацина го споменува и Вапцаров и двајцата ги споредува со два силни бора што шумат. Има и други средби. Една од нив е песната од Конески посветена на Вапцаров. Се вика „Смртна песна“. Се разбира, тука може да се спомене и ракописот што го претставуваме. Тој е напишан од млад човек, а ни ја открива генијалноста на Конески, неговата богата јазична експресија. Веќе напишав дека неговата појава е култен настан со огромно значење за македонскиот јазик и за македонската литература. Toj e интеграциски автор, ги поврзува вековите - минати и идни, ги раскрилува потенцијалите на македонскиот јазик и на најубав начин, како автентичен и сестран уметник на зборот, ја докажува успешноста на нормата. Блаже Конески, според Старделов, е „наша неминовност, јазичен гениј, со кого се раѓа новата поетска космогонија, втемелена на неговите претходници, со призвук на нашите легенди...“ А Гане Тодоровски напиша: „Со својата висока квалификација и компетенција и со страст на фанатичен истражувач ги фиксира и ги образложи системно пред јавноста клучните проблеми на македонската литературна историја и на историјата на македонскиот јазик, извишувајќи ги до степен на модерна наука. Тој е врвен зналец на духовната историја на народот на кој му припаѓа.“ Затоа треба да го имаме и кога физички го немаме. Тој е ѕвезда на македонското небо што не смее да згасне за да не згаснеме со неа.

Д-р Марија Коробар-Белчева

Текстот е објавен во последниот број на списанието Македонски јазик 2021

 3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Извор:

https://www.mkd.mk/kolumni/eden-nepoznat-rakopis-na-koneski

 Декември 2021 г.