3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

Промоцијата на книгата „Сѐ што знам за животот“, со поднаслов „Дневник“, од Тихомир Јанчовски, се одржа на 20 јуни во „Буква“. Промотор на книгата беше професорот Ристо Солунчев, модератор беше авторот на поговорот и уредник на книгата, Магдалена Стојмановиќ, додека специјален гостин на вечерта беше Антониј Т. Јанчовски.

– Книгата „Сѐ што знам за животот“ е проткаена со длабоко филозофско познавање. Авторот несомнено е познавач на филозофските теории, што е видливо и во неколку синтагми и максими кои вешто ги проткајува во своите раскажувања. Како синтагми кои во историјата на филозофијата се врзуваат со Декарт, со Лајбниц или со Хусерл. Сепак, и покрај познавањето на филозофските теории, авторот излегува од рамката на класичниот филозоф и мислител и за животот говори сосема ослободено од сите теориски познавања. За животот говори авторски и од позиција на субјект… Така, на пример, авторот ја застапува тезата дека животот е производ на слободната волја. Човекот е творец на својот живот и покрај тоа што самото живеење е „игра на судбината“ – забележува Стојмановиќ во својот поговор кон книгата на Јанчовски.

Авторот Јанчовски за животот, пак, напиша дека „е неверојатно прост и непосреден, а маката во неговото разбирање ја создаваат бескрајните празни мудрувања и комплицираната поделена и ситно насечкана свест што се проицира себеси во него и сака да го гледа налик на себе: сакат, искинат, испокршен, фрагментиран, неспоив, налудничав, нелогичен, бесловесен, минлив, непотребен, тегобен, мачен… Нема врска, животот е еден, животот е едноставен, животот е убав“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

 

https://www.slobodenpecat.mk/novata-kniga-od-tihomir-janchovski-beshe-promovirana-vo-bukva/?fbclid=IwAR2lr5xityxrS7IW6IuoFyN0LMymk33qSi07-bYWmVzD49R0NCihCytOY1k