Промовирана книгата „Македонски јазик: идентитет континуитет – доискажување“ од Трајко СтаматоскиКнигата „Македонски јазик: идентитет континуитет – доискажување“ од Трајко Стаматоски денеска беше промовирана во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Претседателот на МАНУ, Таки Фити во обраќањето рече дека Стаматоски бил во првата генерација дипломирани студенти по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Скопје во 1950 година, бил долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и има огромна заслуга за развојот на македонскиот јазик, афирмацијата и континуитетот на македонскиот литературен јазик.

– Првата константа која може да се забележи и во работниот век на Стаматоски, меѓутоа и во неговиот научен опус, тоа е неговата огромна посветеност на афирмација и дооформување на македонскиот литературен јазик, на борбата за зачувување на неговиот идентитет и перманентните напори за натамошен развој на македонскиот јазик, посочи Фити.

Во неговиот научен опус, нагласи, можат да се нотираат околу 500 научни и стручни трудови: монографии, статии, реферати, симпозиуми и бројни прилози. Додаде дека посебно внимание заслужуваат неговите 16 монографии кои се комплетно посветени на македонскиот литературен јазик.
Промоторотпроф. д-р Димитар Пандев рече дека книгата на Стаматоски ја отвора историската перспектива по која македонската филологија, преку доминантна културолошка нишка вгнездена во македонството, го пресоздава тој мозаик во македонска јазична слика на светот и го извишува македонскиот јазик во својата изворна и стамена препознатливост на својата територија и во својот засведочен духовен простор, ја открива парадигмата личности кои го издигнале македонскиот јазик на рамниште на литературен од времето на Партениј Зографски, преку Мисирков и неговите претходници, до времето на Блаже Конески и неговите ученици.

– Книгата на Стаматоски е сведоштво за развојот на македонската филологија. Во неа има искористен простор за многу личности и дела стожерно градени во македонската државност. И предци и современици, додаде Пандев.

Авторот Стаматоски рече „ние сите сме континуитет, ние ниту почнуваме ниту завршуваме, ние само сме дел од тој континуитет и затоа мојот наслов на книгата е таков каков што е“.
– Има некоја симболика што го избравме овој ден за промоција на оваа моја книга. На денешен ден се навршуваат 95 години од раѓањето на великанот на македонската национална мисла, не само лингвистичка, Блаже Конески, додаде Стаматоски.

 

Извор: http://a1on.mk/wordpress/archives/682649