ЕДНИ МИНАТИ ВРЕМИЊА 01 – ДЕВОЈКАТА ВО ЗЕЛЕНИОТ ФУСТАН


girl in red dress

Се сеќавам на нејзината насмевка. Широка несмевка. Актерите од Холивуд може да завидат на таа насмевка. Имаше поглед. Поглед кој ништо не би значел без нејзината насмевка. Очи кои не трепнуваат додека те гледаат. Очи кои во себе носат голема мистерија, но насмевката ги прави пријатни, предвидливи, заводливи. А, кој не сака таква жена? Таква девојка? Такво девојче? Чупче. Кој не сака очи кои ќе бидат во пламен секогаш кога те погледнат?

Се сеќавам кога се запознавме ме одмери од глава до пети. Моите први зборови кон неа беа:

-          “Не ме гледај така. Почнувам да осеќам пеперутки во стомакот”, а таа го направи истото уште еднаш.

Имаше прекрасни кафеави очи. Бојата не е баш ретка, но, сепак очите впечатливи. Или можеби само за мене беа впечатливи. Така е секоагаш. Кога некој искрено ви се допаѓа едноставно се што е на неа и во неа за вас е уникатно. И сте запрепастени од сосема секојдневни, обични, универзални карактеристики. Но, некои од англиските поети од 18 и 19 век сметале дека поезијата е тому тоа. Зборување, опишување на секојдневни работи, кои претставуваат нешто убаво и будат пријатни чувства.

Не помина многу време и не можам да престанам да мислам на тој поглед. Еве дури почнав и да пишувам за тоа. Емоциите веќе не се мои. Тие се надвор сите да ги видат. До секое искрено срце да допрат. Тоа срце да се израдува за мене. Да посака и неговиот сопственик да почуваствува таков поглед на себе.

И еве не запирам. И не можам. Ќе продолжам да зборувам за тој поглед.

Беше привлечно облечена. Краток, зелен фустан. Но, мојот поглед ниту еднаш не се спушти надолу. Тоа е невообичаено за мене. Гледав во неа и не можав да се наситам. Гледав во нејзините очи. Без да трепнам. Се хранев од тој поглед. Тој поглед ми даваше живот и живост. Ми даваше се’ што сум барал цело време. А, сега сето тоа го имав тука, пред мои очи, го гледам во други очи и се чувствувам богат, моќен, самоуверен. Но, не пред неа самоуверен. Самоуверен пред секоја друга, која нема ни малку сличен поглед.

Ме гледаше и ми зборуваше, а нејзините кафеави очи ми кажаа се’. Веќе знаев што ми е таа мене. Она што ми го зборуваше беше само дружба, после првиот поглед, после првото пресретнување на нашите очи јас знаев како на неа ќе гледам. Бев свесен за нашата понатамошна врска и на можноста да не ја видам повеќе, но знаев дека ќе мислам на неа, знаев дека ќе ги сонувам тие очи, таа насмевка, тој зелен фустан. Знаев што ме чека секоја вечер пред спиење. Мисли кои понекогаш нема да ми дадат да заспам, но и сеќавања на неа кои ќе ме смират.

Кога ќе се сетам на неа проблемите испаруваат, грчевите во стомакот се заменуваат со пеперутки, насмевката на моето лице се појавува и патувам кон рајската ледина. И денеска чувствата се измешани, но едно знам, дека ќе помине време кога нечии очи, нечии усни, нечија насмевка, нечиј фустан, нечија коса, нечии зборови ќе ме натераат да напишам нов текст. Ќе помине време дур на неа заборавам, а нема да биде лесно. Ќе помине време дури другите ги лажам дека на нив мислам. Всушност, во секоја од нив јас најдов нешто што ме потсеќа на неа и кога мислам на нив мислам на неа. Ги лажам. Но, кога сум до нив исто ги гледам, исто им зборувам како што правев со неа. На крајот, сигурно ќе има чувства повредени, но барајќи ја среќата без да се соочиме со болката нема да ја најдеме, нема да ја препознаеме. Знам, тоа не е оправдување, но што можеме?

Пишува: Сотир Габелоски