Четврток, 29 Мај 2014 12:36

07__porta
На промоцијата меѓу другите присуствуваа и премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и главниот и одговорен уредник на проектот „Македонски искушенија“ Раде Силјан ...

Нови пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“ денеска беа промовирани во портата „Македонија“. Изданијата им се посветени на личностите и историските случувања, кои оставија длабоки траги во македонската историја, на Гоце Делчев, Васил Чакаларов, Тодор Александров, Ристо Шишков и Балканските војни.

На промоцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабетa Канческа-Милевска и главниот и одговорен уредник на проектот „Македонски искушенија“ Раде Силјан.

- Преку проектот „Македонски искушенија“ се дава целосен научен, литературен и филмски осврт, на повеќе историски теми, поединци и настани од македонската историја. Тоа е најмалку што можеме да направиме за денешните, но и за сите идни генерации. Да понудиме македонски поглед на нештата. Сите тие ќе имаат можност да се навратат на македонското минато, преку содржината која е обременета од разни пропаганди од современата македонска наука и визиолизирана преку современиот македонски документарен филм, рече Груевски.

010__porta

Проектот, според него, е резултат на заложбите на Владата, да направи нешто што одамна недостасувало и да остане нешто вредно за сегашните и идните генерации.

- Во рамки на тие заложби во областа на културата досега заокруживме повеќе капитални проекти. Многу од нив се уште се во тек, а очекуваме и многу да почнат во идниот период. Во тој дух, Македонија полека но сигурно го зазема своето место во светот, кое големиот апостол на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев го опишал како поле за културен натпревар меѓу народите. На овој натпревар веќе одамна играат голем број народи од светот и како што кажал Васил Чакаларов „тука секој ги заштитува своите интереси, па и ние треба да ги чуваме своите интереси“, потенцира Груевски.

Темите, личностите и настаните, кои се дел од оваа едиција, како што рече, во поновата историја, книжевност и филмска дејност на суверена, самостојна и независна Македонија се релативно малку истражени или прикажани како филм. Како резултат на тоа, смета дека во современото македонско општество, малку се знае за тоа или ги пратат разни контроверзи.

Премиерот очекува книгите и документарните филмови во иднина да се најдат и во слободна продажба, освен низ библиотеките. Да побудат голем интерес и да станат дел од многу домашни колекции на македонските граѓани. Најави дека кон крајот на август или во септември треба да излезе комплет на сите цедиња од сите документарни филмови кои до тој момент ќе бидат направени.

011__porta

Министерката Канческа-Милевска истакна дека оваа едиција нуди научно верифицирани факти, аргументи и толкувања кои говорат за долгата историја на македонската борба за државност и самостојност.

- Преку оваа едиција граѓаните на Република Македонија можат да стекнат бројни сознанија за познатите и непознатите предели од нашето минато, за најзначајните појави и процеси во поновата историја на Македонија, за борбениот код на македонскиот народ и неговата револуционерна и духовна сила во остварувањето на државотворните цели, рече Канческа-Милевска.

Проектот „Македонски искушенија“ предвидува печатење на 25 ексклузивни публикации кои се збогатени со документарните филмови, а досега се промовирани девет изданија.

 023

 http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/novosti/1435-novi-pet-toma-od-edicijata-makedonski-iskusenija