БЛАГОДАРНОСТ ДО ПРОФЕСОРОТ ЗА ПРЕВОДОТ НА ЦЕЛОТО ТВОРЕШТВО НА СВЕТСКИОТ ДРАМАТУРГ


Михајловски го преведе Шекспир, сега младите нека го читаат


По преводот на сите 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, подвиг за кој писателот Венко Андоновски рече дека е културен настан рамен на преводот на Светото писмо, професорот Драги Михајловски го примија и министрите за култура и за образование и наука Елизабета Канческа-Милевска и Спиро Ристовски, за лично да му се заблагодарат.

Ќе останете запаметен по способноста за преведување и на едно место да го соберете целокупното творештво на светскиот драматург Вилијам Шекспир. Дадовте исклучителен придонес во македонската литература, култура и образование", рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на средбата. Таа упати и апел до младите да ги читаат делата од светскиот и најизведуван драмски автор. За таа цел, двете министерства ќе помогнат финансиски книгата да биде отпечатена во поголем тираж и да се дистрибуира до библиотеките и училиштата.
Министерот Ристовски рече дека како двете ресорни министерства ќе продолжат да поддржуваат вакви капитални проекти зашто се исклучително значајни за развој на образовниот систем во Македонија.

Суштината на овој капитален проект не е само корицата и хартијата што е пред нас, туку содржината која по толку долг период првпат станува достапна до македонските студенти и за македонската јавност. Како министер за образование и наука сакам да искажам лична благодарност до професорот зашто ова е најдобар приказ за креативноста на еден професор во образовниот систем", истакна Ристовски.

Професорот Михајловски им се заблагодари за укажаната чест и за поканата за средба.
Јас направив тоа што можев да го направам и придонесов колку што можам. И понатаму ќе придонесувам во мојата работа на факултетот со студентите по превод и воопшто во проектите што ги прави нашето министерство", кажа Драги Михајловски, добитник и на годинашната награда за превод Григор Прличевв. Михајловски ги преведува делата на Шекспир 35 години, некои од нив се веќе објавувани во посебни изданија, а некои, главно историските драми, првпат се преведени на македонски јазик во оваа книга што ја објави издавачката куќа Каприкорнусс.

 Извор: Вечер