Скопје, 05.06.2013


Писателите шепотат наместо да зборуваат гласно



Ќе ни треба уште време, уште планини да изодиме и да подисправиме кривулести патчиња за оваа тема да не биде ни тема, рече Христо Петрески

Марина Лазаревска

Големи писателски пера вчера на Годишното собрание на Друштвото на писателите на Македонија стоеја малку настрана од говорницата, а наместо демант на распространетото мислење дека писателите молчат за горливите прашања, од нив слушнавме само домашни состави украсени со епитети, накитени со историски податоци и со цитати. Извештај за активностите на писателската асоцијација во изминатава година не беше поднесен, а по веќе виден терк течеше излагањето на тема „Гласот на делото, глас на писателот“.

Во своето излагање претседателот на Собранието на ДПМ, Веле Смилевски, потенцира дека во секоја објавена книга се слуша гласот на писателот, а тој глас е посилен од кој било апел.

- Реакциите на интелектуалците, конкретно на писателите, се разликуваат од дневните и прагматични реакции на политичарите, на економистите, на правниците, и тоа е сосема разбирливо. Писателите се изразуваат преку уметноста на своите дела напишани на македонски јазик, а тоа е најсилниот аргумент за нашето идентитетско прашање – рече Смилевски.

Нема слушатели

Меѓу говорниците, најгласен во писателската асоцијација беше Христо Петрески, кој рече дека со самото поставување на темата, значи, дека писателите се или безгласни или полугласни.

- Kај нас гласот на писателот, на уметникот, на интелектуалецот се наоѓа некаде во шепотот, во она што често го велиме: „Внимавај, некој да не слуша“, како некои трауми од минатото. С` она што го мислиме не треба да го кажуваме само преку нашите дела, туку да го кажуваме не како заталкани индивидуи, како неколку среќници што имаат колумни. За да бидете гласни, треба да имате и приемник. Нашиот глас ни се враќа како ехо од празен бунар и никој не сака ни да го слушне. Kолку и да се обидуваме да бидеме гласни, треба да се запрашаме дали некој сака да го слушне тоа. Дали денеска не се слуша најгласно шушкањето на книжните пари? Затоа с` уште пишуваме во меѓуредови, с` уште сме полугласни. Ќе ни треба уште време, уште планини да изодиме и да подисправиме кривулести патчиња за оваа тема да не биде ни тема - рече Петрески.

Според Трајче Kацаров, гласот на авторот е идентичен на неговата гласовитост.

- Гласовитоста значи трајност. Авторот со своето дело нема глас ако не се потпре на талент или на творечка моќ - рече Kацаров квалификувајќи ја нашата книжевна средина како гарсониера.

Писателот Никола Kочовски искористи можност да го обвини одливот на интелектуалци од земјава за сегашната ситуација и додаде дека можеби интелектуалните сили би требало да дејствуваат на преиспитување на нашиот однос кон себеси и кон нашата земја.

Поетски предупредувања

Иван Антоновски, претставник на младата генерација писатели, рече дека писателот умее да го крене својот глас во своето време за што сведочат и песните напишани пред повеќе од 20 години како поетски предупредувања за времето што сега го живееме.

Мирче Нешоски рече дека гласот на писателот е гласот на Македонија, а јазикот е песната на Македонецот и затоа поетите секогаш стојат во одбрана на вистината за Македонија и за македонски идентитет.

Јусуф Сулејман, пак, негодуваше дека нема заедништво меѓу писателите во земјава и дека не се познаваат меѓусебно за да настапат гласно и обединето пред јавноста. Вера Стојческа-Антиќ смета дека и да немавме раскошна и поучителна литература до денес, само творбите на Kирил и Методиј би ни го дале високоумниот дострел на книжевноста.

Во попладневните часови се одржа поетска средба со триесетина автори, членови на ДПМ.


Извор: Дневник