Кон романот „Нишан“ на Блаже Миневски, „Макавеј“, Скопје, 2007

ДАНИЛО КОЦЕВСКИ

Блаже Миневски со своето досегашно творештво зазема видно место во нашата романескна, раскажувачка и драмска литература. Неговите романи „Црниот пердув“ (1989), „Балкан за деца“ (1996), „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ (1998), „Приказна за третиот“ (2002), книгите раскази „Солзи во очите на тате“ (1984), „Ниски вежби“ (1985), „Ледно око“ (1986), „Сезона на глуварките“ (2001), како и повеќето драмски текстови собрани во книгите „Бивши луѓе” (1997) и „Вистински настан” (2003), покажуваат зрел и оформен автор кој перманентно го свртува вниманието на критичката и читателската јавност кај нас. Во контекстот на неговото досегашно творештво, најновиот роман „Нишан“ се наметнува како остварување кое ги синтетизира, продлабочува и открива во една нова димензија сите негови раскажувачки доблести. Тематско-мотивски романот „Нишан“ е лоциран во нашето неодамнешно минато, станува збор за војната (или воениот конфликт од 2001 год.) кој остави многу „нишани“ (белези, лузни) во транзиционата и воопшто поновата историја на Македонија. Но, „Нишан“ нема само метафоричко туку и едно друго, конкретно значење, кое како роман го прави исклучително занимлив и предизвикувачки. На „нишан“ се држат двајца млади луѓе од двете спротиставени страни, еден Македонец и една Албанка, снајперисти, кои секој миг можат да стрелаат еден во друг. Оттука всушност и започнува возбудливата приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за самиот чин на победата или поразот. Така, романот добива и една метафоричко-метафизичка димензија.

Наратолошки, тоа е приказна раскажана во прво лице од момчето снајперист. Неговиот монолог, додека меѓусебно се држат на нишан со младата албанка, всушност е чудна, слоевита, напати парадоксална и иреална, напати реална и натуралистичка историја на еден млад живот кој ги доживува сите премрежиња и апсурди на животот. Таа животна сторија се одвива како на филмска лента - од најраното детство кога ги загубува родителите и братот, животот во малото место, малограѓанската средина, заминувањето во Америка во Ајова Сити и следењето на курсот за креативно пишување, силната желба да се биде (писател) или не, враќањето, разочарувањето на човечки и уметнички план. И на крајот, војната, во која смртта е толку блиску и станува свирепа реалност, а не само уметничка (метафизичка) медитација. Сета оваа приказна е раскажана сигурно, убедливо, со разоткривање на сите дамари, несполуки и страдања пред кои е исправен денешниот современ човек. Вештината на раскажувачот се гледа и во фактот што во романот едноставно и спонтано се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, животната и романескната вистина, за големата лага на фикцијата, но и фиктивноста на некои наши животни сознанија кои ги сметаме за единствено валидни и неприкосновени.

Трауматичното детство на главниот лик, самоубиството на мајката и таткото предадени се раскажувачки експресивно и силно, а таа трауматичност продолжува да го следи низ животот кој постојано го има на некаков фаталистички, непредвидлив, смртоносен нишан. Раскажувањето се одвива на повеќе планови (Ајова Сити и страста за пишување, Италија и островот Синтилија на кој завршува чудната судбина на еден од ликовите, тетка Лета, малограѓанската средина и малиот град кој ја зголемува трауматичноста и чувството на апсурд и промашеност, бројните љубови и мајсторски опишаните еротски сцени, само како можност и залуден обид да се избега од себе си). Главниот лик е писател, пишува раскази, а првиот негов роман е романот „Нишан“. Така, се мешаат раскажувачките планови, од текстот што се пишува се распознаваат бројните палимпсести како враќање во историјата на литературата и светски познатите ликови и херои, особено женските ликови, кои се миксуваат во една нова наратолошка структура. Расказот кој го пишува за соученичката Липика, наставничката по литература Цутика, потоа оној на мајката, како и ликот на тетка Лета, се далечно ехо на Ема Бовари, Наташа Ростова или Ана Каренина. Кога на крајот, главниот јунак по долгото држење „на нишан“ го испукува смртоносниот куршум, како да станува беспредметен стравот или размислувањето за животот и смртта: во еден миг може и живиот да се почувствува мртов, особено ако веќе не постои никој кој би можел да му каже - дека е жив! Иронијата и црно-хуморното сликање така својствени за Миневски, овде се доведени до климакс.

Станува збор за еден слоевит, наратолошко и тематско-мотивски комплексен роман, кој не бега од реалноста и од внатрешните и надворешните конфликти и апсурди со кои сме соочени. Напротив, тие се опсервирани и прекршени низ една универзална, општочовечка димензија. Во тоа е и мајсторството на овој автор, но и уште еднаш потврдената зрелост на новиот македонски роман.
 

Посети:{moshits}