Отварање: 26 август 2016 год.
Прима Центар, Берлин
Кураторка: Елена Вељановска

На 26ти август во 19:30 часот, во просториите на Прима центар во Берлин, ќе биде отворена изложбата на уметникот Иван Ивановски насловена “Сува река”. Во продоложение ќе го најдете текстот на кураторката на изложбата Елена Вељановска: Иван Ивановски ја пронаоѓа инспирацијата за својата најнова изложба во метафората за Сувата река.

Сувата река земена како реминисценција на еден живот и динамика, којашто одекнува како ехо од неговото постоење. Иако веќе не е активна, нејзините траги остануваат отпечатени на почвата како археолошки доказ за нејзиното постоење и територија на распространетост. За да ја долови оваа идејна инспирација и атмосфера, Ивановски ја користи слободата на интерпретација којашто ја дава Роршаховиот тест и креира дела коишто во исто време се апстрактни и фигуративни.

 

Целта не е да се исликаат случки, или пак да се раскажат приказни, туку преку сугестивните пејсажи да се разбуди можноста кај гледачот за своја интерпретација. Карактеристична нота во работата на Ивановски е раскажувањето на комплексни и слоевити приказни за чиешто раскажување уметникот користи разновидни техники: скулптура, видео анимација, цртеж или слика.

Друга карактеристика во неговата работа е анализирање на големи групи и комплексни општествени релации. Сите овие елементи се повторно застапени и во оваа изложба, но посебен аспект е ставен на недофатливото и непретставливото. Тоа се рефлектира и во форматот на изложбата составена претежно од мали слики-цртежи, коишто се обид да се фати поширок хоризонт – просторен, но и мисловен.

Тука, мислата на уметникот е исецкана во повеќе сцени (frames) од различни циклуси коишто одбиваат да ги заробат наративите во една затворена целина. И токму како и Сувата река, тие се ехо на еден живот, едно постоење, од коешто останале да се наѕираат само контурите. Но тие навестуваат и некое ново постоење, ново раѓање, бидејќи сувата река никогаш не исчезнува целосно. По секое топење на снегот, постои можноста таа одново да се појави.

Со почит, Елена Вељановска и Иван Ивановски

 

Контакт: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.; viber/what’s app: +4915777216916