Скопје, 8 декември 2010 (МИА) - Во Македонија денеска се одбележува  Денот на св. Климент Охридски, кој четврта година е државен празник, со кој се слави  делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа.

Заедно со Наум Охридски, тој е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело. Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија.

По повод денот на св. Климент Охридски, денеска беше откриен и осветен споменик со ликот на светителот - просветител и прв епископ, во близина на Соборниот храм и на почетокот на булеварот што го носат неговото име.

Скулпторот Томе Серафимовски е автор на спомен-обележјето на светецот, еден од најпознатите ученици на Кирил и Методиј, чија просветителска мисија ја продолжил на овие простори создавајќи ја Охридската книжевна школа. Статуата е изработена од бронза и е висока околу 4,70 метри. Стои на постамент од гранит висок 1,20 метри.

Споменикот го освети архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан кој во име на Македонската православна црква се заблагодари што непосредно до Соборниот храм ќе стои и споменик со ликот на свети Климент.

- Ова прекрасно дело од рацете на академик Томе Серафимовски го разбирам како благодарност од македонскиот род кон нашиот духовен великан за се што направил и прави за нашиот народ и црква. Македонија е негова татковина, ние сме негов народ, но се прашувам дали доволно сме направиле во споредба со она што го направи, го прави и очекувам ќе го прави свети Климент Чудотворец, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан. Тој истакна дека споменикот е мала благодарност за делото на светителот кој, како што рече, треба почесто да го има во нашата средина и повеќе цркви и манастири да го носат неговото име.

Скулпторот Серафимовски е автор и на споменикот на свети Климент во Охрид. За разлика од тој, кој в рака го држи стариот град (варошот), свети Климент во Скопје е претставен со Библија во левата рака. Одговарајќи на новинарско прашање за  инспирацијата да го создава ликот на оваа значајна историска личност, Серафимовски рече дека таа е секогаш неисцрпна и е предизвик за секој вид уметност, за скулпторите, сликарите, писателите и композиторите.

- Тој е неисцрпен предизвик и инспирација. Над 40 години ја работам преродбата и духовноста. За разлика од св. Климент во Охрид, кој  држи дел од Охрид и го благословува градот, овој треба да ги благослови скопјани и сите кои ќе дојдат во Скопје, истакна авторот, кој токму годинава е и лауреат на државната награда „Св. Климент Охридски“.

Споменикот е изработен во познатата белградска леарница „Јеремиќ“, во која се излиени многу препознатливи спомен-обележја во Србија, меѓу кои и „Победникот“ на Калемегдан во Белград.

Скулптурата на св. Климент Охридски е инвестиција на општина Центар и нејзиниот вкупен износ е 185.000 евра, со кои се покриени сите трошоци. 

Градоначалникот Владимир Тодоровиќ рече дека овој споменик ќе биде единствен на потегот на бул. „Св. Климент Охридски“.

Во пресрет на денешниот празник, синоќа во Дом на АРМ се одржа Свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а денеска беше врачена годинашната државна награда „Св. Климент Охридски“, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.

Добитници за 2010 година се археолог, проф. д-р  Елица Манева - во областа на воспитанието и образованието, скулпторот, академик Томе Серафимовски, поетот и литературен критичар Санде Стојчевски и  актерот Петар Темелковски - во  областа на културата и уметноста и интернистот и хематолог проф. д-р Тодор К. Стојчевски - во областа на здравството.

Наградата, како што посочи претседателот на одборот за доделување на Државната награда, академик  Вера Битракова-Грозданова, не поврзува со колективна меморија за универзалните вредности на Св. Климент Охридски, кој ја создаде словенската писменост ги постави темелите за развојот на книжевноста, образованието, културата и духовноста, што е стремеж и во нашето творење и дејствување денес и во иднина.

- Живееме во немирни времиња, понекогаш и со изместени вредности, во интеграциски процеси со постојано себедокажување, но духот и делото на Св. Климент Охридски постојано е меѓу нас. Неговите пораки за добродетелство, за трудољубивост, за љубовта меѓу луѓето се универзални и длабоко втиснати во нашето опстојување, додаде Битракова-Грозданова.

Во името на добитниците на Државното признание се заблагодари академик Томе Серафимовски.

 

Малку се знае за Климент, а реконструкцијата на неговиот животен пат во науката се прави, главно, врз Пространото Климентово житие што го напишал на грчки јазик охридскиот архиепископ Теофилакт во последните години на 11 век, како и Краткото житие на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан, напишано на грчки јазик 300 години по смртта на Климент. Не се знае кога и каде е точно роден, нема податоци за семејството и потеклото, освен дека бил закопан на 27 јули 916 година во манастирот на Плаошник во Охрид, што тој сам го изградил и го посветил на св. Пантелејмон. Кога манастирот бил претворен во џамија, моштите му биле пренесени во црквата Св. Богородица Перивлепта, која оттогаш е нарекувана со неговото име. Моштите му се повторно вратени во август 2002 година по обновата и осветувањето на неговиот манастир. Се претпоставува дека починал на 70-80 години и дека е роден околу 30-40 години на 9 век.

Од биографијата на Климент се дознава дека тој заедно со уште двајца ученици бил ракоположен за свештеник во Рим. Се претпоставува дека монашкото име Климент го добил во чест на откривањето на моштите на папата Климент, кој умрел во прогонство на Крим. Моштите ги нашол Кирил за време на исполнувањето на мисијата кај Хазарите (859-861) во која веројатно учествувал и Климент. Тие ги пренеле во Рим каде што биле опеани и свечено закопани. Покрај Климент и Наум, ученици на солунските браќа биле и Горазд, Ангелариј и Сава. Петтемина ученици заедно со своите учители Кирил и Методиј кај народот се познати како седмомисленици.

По смртта на Кирил (869), а подоцна и на Методиј (885), учениците се судираат со германско-латинското свештенство и се прогонети од Моравија. Климент, Наум и Ангелариј дошле во Бугарија каде што Ангелариј починал. Наум учителствувал во близина на столицата на бугарскиот кнез Борис, а Климент бил испратен за учител во областа Кутмичевица. Името не е познато во денешната топонимија на Балканот, но со оглед што Охрид се спомнува како населено место во таа област, се работи за денешното тромеѓе на Македонија, Грција и Албанија. Таму, според житието на Теофилакт, Климент имал 3.500 ученици, кои ги оспособувал за црковна богослужба. Тоа е импозантен број за просветителска акција на преминот од 9 кон 10 век. Таа активност е наречена Охридска книжевна школа или прв словенски универзитет. Просветителско-црковната активност на Климент таму траела цели седум години.

По смртта на кнезот Борис и доаѓањето на првиот бугарски цар Симеон, на учителското место во Кутмичевица бил испратен Наум, а Климент бил назначен за епископ во Дрембица и Велика, за кои се уште се претпоставува каде точно се наоѓале. Климент бил прв меѓу Словените што добил епископски чин. Го описменувал сиромашното, грубо и запуштено население и го подучувал да живее подобро, ги учел луѓето да садат дрвца и ги лекувал. Како епископ велички често доаѓал во својот манастир во Охрид и неуморно и бил посветен на просветителската дејност. Според Теофилакт, Климент до смртта работел на преводот на „Цветниот триод“ од грчки на словенски јазик.

Се смета дека е автор на опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучување на животот на солунските браќа. Покрај преводи на црковна литература, напишал и пофални слова за христијански светители. Пред да умре, својот имот - книжевните дела, ги поделил и завештал на епископијата и на својот манастир. Теофилакт спомнува чудесна и исцелителска моќ на св. Климент по смртта. Свети Климент Охридски е заштитник на Охрид и, според преданијата, тој го спасувал градот и неговите жители секогаш кога биле во неволја. Се претпоставува дека Охрид е и родно место на Климент и оти поради тоа го избрал за работа до крајот на животот. Не е утврдено ниту дали Климент и Наум се родени или браќа по конфесија.

Денес многу цркви, институции, училишта и здруженија го носат неговото име, а меѓу нив најрепрезентативни се Националната и универзитетска библиотека и Соборниот храм во Скопје, Универзитетот во Битола. Неговото име го носи и универзитетот во Софија. Во чест на св. Климент Охридски се доделува и државната награда за особени остварувања во воспитанието, образованието, културата, науката и здравството. хс/паг/12:47