СО 150 ДЕЛА НА НАД 40 УМЕТНИЦИ


Историја на македонската фотографија во МСУ


Освен фотографиите на Јаневски и Велјанов од шеесетите и седумдесетите години, претставени се и фотографиите на Манчевски, Ирена Паскали, Едвард Луси Смит, Керол Чо, Марко Георгиев и други


Во Музејот на современата уметност, денеска (13 часот), за прв пат од постоењето на оваа културна установа ќе биде презентирана нејзината фотографска колекција во најширок распон. Присутните, покрај фотографиите на Јаневски и Велјанов од шеесеттите и седумдесеттите години, ќе ги видат и фотографските остварувања на Манчевски, Ирена Паскали, Едвард Луси Смит, Керол Чо и Марко Георгиев и други...

"На изложбата ќе бидат претставени 150 дела на над 40 уметници, што е од исклучително значење за историјата на македонската фотографија на 20 век. Ова е и обид да се видат делата на редица уметници во интернационалната колекција кои досега не биле никогаш изложени. Непосредниот поттик за организирањето на изложбата се две поголеми аквизиции на фотографии од Живко Јаневски, (десет откупени и 23 подарени дела) и од Иво Велјанов (десет откупени и над сто подарени) кои од неодамна се дел од колекцијата на МСУ", вели Зоран Петровски, куратор на изложбата.

Посебната вредност на двете аквизиции, според Петровски, произлегува од фактот дека се работи за дела кои се репрезентативни не само во творештвото на двајцата уметници, туку и за историјата на македонската фотографија. Делата на Јаневски се настанати во шеесеттите години од 20 век, а на Велјанов од 1976 до средината на осумдесеттите години.

Покрај овие аквизиции, Музејот во текот на последните неколку години доби значајни донации и од Милчо Манчевски, Керол Чо&Марко Георгиев, Едвард Луси Смит, Роберт Јанкулоски, Виолета Чаповска, Љупка Делева, Ирена Паскали, Оливер Мусовиќ, Елизабета Аврамовска...

(Д.Т.)- http://vecer.com.mk/?ItemID=B047CB4558BFF343BE43958FFE6D1E62