Највисоката научна институција по еден неуспешен обид  избра претседател

НЕВЕНА ПОПОВСКА- Утрински весник


Највисоката научна институција по еден неуспешен обид и по многу шпекулации, на завчерашното второ продолжение од редовното изборно собрание со тесно мнозинство од 22 гласови за нов претседател го избра академик Георги Старделов. Како што дознаваме, и покрај шпекулациите за можни кандидатури од некои академици, сепак Старделов бил единствен официјален кандидат. Покрај претседател на Академијата, на изборното собрание беа избрани и потпретседатели и секретар. За потпретседатели на МАНУ избрани се академиците Бојан Шоптрајанов и Владо Камбовски, а нов секретар на Академијата е академик Љубомир Кацаров.Во својата прва изјава како претседател на МАНУ, академик Старделов рече дека неговата основна определба во извршувањето на оваа функција ќе биде одржување на континуитет, но и за внесување на промени. „Кај личностите кои имаат решавачко значење, истакна академик Старделов, за статусот на науката и образованието во македонското општество созрева свеста дека тоа е клучната полуга за напредокот на македонското општество. Јас се надевам дека ќе наидеме на разбирање. Ние немаме амбиции да бидеме некоја паралелна сила. Науката е таа која дава алтернативи, а политиката одлучува која од тие алтернативи е најдобра за државата. Нашата сила ќе биде во моќта да понудиме решение за некои клучни прашања за кои нема решение во нашата држава“.

Академик Георги Старделов е осми по ред претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Тој беше избран за оваа функција откако никој од тројцата кандидати, Бојан Шоптрајанов, Никола Кљусев и Блаже Ристовски, не го доби потребниот број гласови Според статутот на МАНУ, најмалку тројца академици можат да предложат свој кандидат. Во првиот круг се гласаше за тројцата кандидати и притоа академик Никола Кљусев доби 20 гласови, академик Блаже Ристовски 8, а академик Бојан Шоптрајанов 14 гласови. Во вториот круг се гласаше за академиците Никола Кљусев и Бојан Шоптрајанов, при што за академик Кљусев повторно гласаа 20 академици, а за академик Шоптрајанов 16. Според правилникот, бидејќи никој од тројцата кандидати не го доби минималниот број потребни гласови, завчера се гласаше за нов кандидат, бидејќи кандидатите за кои веќе се гласало немаа право повторно да се кандидираат. Гласањето се одвива тајно и се избира во два круга. Новиот претседател на МАНУ, според статутот на Академијата, мораше да се избере до 30 декември, бидејќи мандатот на досегашниот академик Цветан Грозданов завршува на крајот на годината.

Во секој случај новиот претседател на Академијата ќе има тешка задача да ја убеди државата да додели повеќе пари за научни проекти, но и да ја задржи самостојноста на највисоката научна институција во државата. Ова оттаму што во лобирањата за претседател на МАНУ, како што дознаваме, се активирале и партиите, сакајќи да обезбедат влијание во Академијата.

Академијата се најде пред уште еден предизвик. Дали и колку ќе успее да ја задржи својата самостојност, а тоа во голема мера зависеше и од тоа како гласаа нејзините членови. Академиците пред почетокот на редовното изборно собрание беа едногласни во оценките, дека задачата на новиот претседател на МАНУ ќе биде тешка. Прво треба да ја убеди државата да даде повеќе пари за научни проекти, но и да ја заштити Академијата од политички и партиски влијанија. Очекуваа да се избере претседател на МАНУ и раководство и дека ќе работат нормално во наредните четири години. Од друга страна сметаат дека би требало и државата да покаже однос кон таа научна институција, во смисла на тоа дека треба да се создадат нормални услови за научната работа. Не може академиците да работат изолирано или самостојно, или надвор од некои светски текови. За сето тоа треба услови, материјални и финансиски, треба и атмосфера. Некои пак сметаа дека во МАНУ никогаш немало политичка борба и дека МАНУ, со своето 40-годишно постоење и сега ќе докаже дека не може да биде инволвирана во тековни политички проблеми.


Интелектуалец чиј збор и став имаат компетенција и сугестивност

Академик Георги Старделов е осми претседател од формирањето на МАНУ. Тој во редовите на Академијата е од 1986 како дописен член, а од 1991 година е редовен член на Академијата.

Старделов најави реформи во академијата и рече дека МАНУ нема да биде конкуренција на власта, туку институција што ќе и нуди алтернативни решенија.

Академик Старделов доаѓа на местото на академик Цветан Грозданов кому му истече четиригодишниот мандат. Станува збор за маркантен интелектуалец, естетичар, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, академик кој во два мандата беше потпретседател на МАНУ.

Георги Старделов е роден 1930 година во Гевгелија. Старделов е филозоф, естетичар, есеист, литературен критичар и антологичар. Завршил Филозофски факултет, група филозофија на белградскиот Универзитет (1953). Докторирал по филозофски науки (1965). Гимназиско образование завршил во Скопје, Филозофски факултет (група филозофија) во Белград, а постфилозофски студии на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург, Франкфурт). Доктор е по филозофија и долгогодишен професор на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на кој го поминал сиот свој работен век. Почесен член е на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија. За неговиот севкупен творечки опус, на Филозофскиот факултет во Скопје е одбранета докторска дисертација под наслов „Естетичките, културолошките и литературно-критичките концепции на Георги Старделов“ (1977). Член е на МАНУ (1986). Бил нејзин потпретседател (2000–2004) и раководител на Лексикографскиот центар (од 2004). Во МАНУ, од 1993 година го раководи макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова редакција се издадени 20 тома. Една од централните фигури на македонскиот духовен живот и простор, интелектуалец чиј збор и став имаат компетенција и сугестивност. Академик Матеја Матевски дава луцидна карактеристика за критичкото творештво на Старделов кога вели „тој тоа го прави со занесот, ентузијазмот и стилот на белетрист и со зафатот и сериозноста на научник“.

Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите, бил нејзин потпретседател, а сега е раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ. Потесна специјалност на академик Старделов е естетиката, филозофијата и историјата на културата и социологија на уметноста, предмети што за време на долгата универзитетска кариера (1956-1995) ги предавал на Институтот по филозофија на скопскиот универзитет и на повеќе југословенски универзитетски центри. Бил декан на Филозофскиот факултет, прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство, претседател на Друштвото на писателите, претседател на македонскиот ПЕН-Центар, претседател на Друштвото на филозофите на Македонија и на Југославија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети.

Академик Старделов е автор на повеќе наслови кои се објавени во Избрани дела во IX тома, во 2000 година. Тој е носител на повеќе домашни и странски награди и признанија и тоа: Републичката награда „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“ на град Скопје, наградата „Кочо Рацин“ за најдобра книга на годината, наградата на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро дело од областа на критиката и есеистиката, „Димитар Митрев“ итн.

Академик Георги Старделов ги објавил следните книги: „Есеи“ (1958), „Модерното и модернизмот“ (1962), „Светови“ (1969), „Антеј бара почва“ (1971), „Доба на противречностите“ (1977), „Меѓу литературата и животот“ (1981), „Experimentum Macedonium“ (1983), „Изморена авангарда“ (1985), „Вовед во иднината“ (1986), „Искуства“ (1987), „Портрети и профили“ (1987), „Одземање на силата“ (1990), „Summa aestheticae“ (1991), „Антеј ја допира земјата“ (1993), „Керубиновото племе“ (1995), „Величанија“ (1997), „Керубин’с Трибс“ (на англиски јазик, 1998), „Небиднината“ (2000), „Искушенијата на естетичкиот ум“ (2003), „Балканска естетика – една друга естетика“ (2004), „Ангелус Новус“ (2004).

Автор е на антологиите: „Повоени македонски прозаисти“ (1960 на македонски и на српскохрватски јазик), „Четири поетски круга“ (1974, билингвално на српски и македонски јазик), „Слобода или смрт“ (1978), „Го знаеш ли, поете, својот долг“ (1981), „Камбаните на Крушево“ (1983), „Современи македонски поети“ (1998 на бугарски јазик). Превел и приредил бројни капитални филозофски дела и автори. (Н.П.)

посети:{moshits}