Скопје, 2 декември (МИА) - Со промовирање на рекламни телевизиски спотови изработени од медиумските куќи Република и Њумомент, денеска во Владата на Република Македонија беше означен стартот на кампањата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“ која ќе се одвива во наредните три до четири месеци. Спотовите за кампањата покрај на македонски ќе се објавуваат и на ромски и албански јазик.

- Целта на кампањата е да се зголеми свеста кај граѓаните за важноста на образованието и да се влијае врз нивната свест за корисноста од образованието. Мотивот за нејзино започнување е фактот што 53 отсто од македонските граѓани имаат само основно образование или недооформено основно образование, а само 6,5 отсто  имаат високо или повеќе од високо образование, рече премиерот Никола Груевски, означувајќи го почетокот на кампањата.

Тој нагласи дека поразувачките податоци за степенот на образованост на македонските граѓани  се алармот што ја стимулираше и ја стимулира Владата повеќе да инвестира во образовниот систем. Премиерот Груевски посочи дека целта на кампањата не е само да се дооформува образованието и да се добиваат високи оценки, туку да се акумулира знаење. 

- Знаењето е сила, моќ и богатство кое никој и никогаш не може да му го земе на некого. Тоа е нешто што се носи  во себе. Инвестирањето во знаењето е најисплативо како во богатите, така и во сиромашните земји подеднакво, рече Груевски потенцирајќи дека една опд причините за ниските странски инвестици во Македонија е и недоволниот степен на образование на работната сила.

Тој нагласи дека странските инвеститори најчесто бараат високостручни кадри и оти ретко кој или никој од нив не сака да вработува необразована работна сила.

Премиерот им порача на граѓаните кои не го дооформиле своето образование тоа да го сторат во најскоро време, а на оние кои имаат оформено образование да се дообразуваат и да учат странски јазици. Како пример тој посочи дека во 48 отсто од објавените огласи за потреба од работна сила во 2007 година се барало познавање на англиски јазик и работа со компјутери. 

Новата кампања, во која покрај телевизиските спотови и објавувањето во весници се предвидува и одржување на јавни трибини за подигање на свеста, е само дел од проектите на Владата за модернизација на образовниот систем во Македонија. Во изминатиов перид беа спроведени Проектот за модернизација на образованието, Јавно-приватното партнерство за  изградба на 100 нови училишта и Проектот за изградба на 180 нови фискултурни сали во училиштата. Како што потсети премиерот Груевски, од годинава воведена е деветолетката, изучувањето на англискиот јазик од прво одделение основно училиште, трет час по физичко воспитување неделно, нов предмет претприемништво во средните училишта, а од 1 септември наредната година ќе се воведе и задолжителното средно образование.

Министерот за образование и наука Сулејман Рушити истакна дека во изминативе 15 месеци Министерството за образование и наука и Владата интензивно работеле на хармонизација на легислативата и подобрување на условите во образовниот систем.

- Кампањата треба да ја подигне свеста на граѓаните на Република Македонија, како на учениците, така и на нивните родители, дека образованието е најголемата моќ. Со инвестирање во образованието се создаваат моќни и силни граѓани, а со тоа и моќна и силна држава и економија, порача Рушити.

Од име на Интеруниверзитетската конфернеција на Република Македонија почетокот на кампањата го поздрави рекоторт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, Никола Мартиновски кој рече дека Македонија се наоѓа на почетокот на процесот на осовременување и изменување на свеста, а со тоа и на образовниот систем, чија цел е да се фати чекорот со останатите земји кои се обидуваат  да ги постигнат критериумите на Европската унија.

- Ќе треба голем напор за да согледаме на кој начин тоа ќе го постигнеме. Кампањата е правилно насочена кон менување на свеста за потребата од образование, но треба да се насочи и кон промена на односот кон образовните институции, рече Мартиновски истакнувајќи го примерот на Хрватска која во изминативе неколку години инвестираше во осовременувањето на образовнитот систем, кој спореднего е првиот од критериумте за ЕУ што целосно го исполнила Хрватска.

Премиерот Груевски  рече дека целта на Владата не е да ја стигне Хрватска во образовниот процес, туку да бидеме пред неа во тоа и најави двојно зголемување на инвестициите во образованието во наредната година.

- Во Програмата на Владата беше зацртано во четиригодишниот мандат процентот на инвестирање од БДП да се зголеми од 3,5 на 5 отсто. Можам да кажам дека веќе во наредната година тој ќе биде зголемен на 5,9 отсто, рече Груевски.

Прашан за цената на чинење на рекламните спотови, премиерот Груевски рече дека таа ќе биде симболична во однос на очекуваните придобивки од кампањата.вј/зш/14:47