Во чест на празникот „Свети Климент Охридски“, во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена истоимената државна награда  за 2014 година.



Добитници годинава се историчарот проф. д-р Амет Шериф и биохемичарот проф. д-р Велимир Стојковски во областа на воспитанието и образованието, и академик Цветан Грозданов, историчар на средновековната уметност, во областа на културата. Одлуката ја донесе одборот за доделување на наградата под претседателство на академик Витомир Митевски.

Стојковски, актуелен ректор на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје, освен на матичниот Факултет за ветеринарна медицина, бил ангажиран како наставник на Унивезритетот „Свети Климент Охридски“ во Битола и на Државниот универзитет во Тетово. За него наградата е од големо значење, затоа што е висока државна награда, а истовремено го носи и името на еден од основоположниците на словенската писменост и образование.

- Денес сум посебно среќен што дадов придонес во образованието во Република Македонија и што во изминатите 25 години учествував во образувањето на бројни генерации студенти, давајќи им и знаење и покажувајќи им го вистинскиот пат во животот. Како да се образува не е лесно, не е лесно и да се воспитува и токму затоа да се биде професор не е обична професија. Тоа е професија којашто трае цел живот. Тоа е мисија на младите луѓе да им се даде знаење и образование, нагласи Стојковски.

Амет Шериф е советник во Институтот за национална историја, долгогодишен реномиран работник, кој со својата научна и општествена активност постигнал резултати од јавен интерес на полето на проучувањето на османлиско-турскиот период, цивилизација и култура. Имал повеќе студиски претстои и научни истражувања во САД, Турција, Албанија, Бугарија и во повеќе арапски земји, а говори македонски, турски, албански, арапски, англиски и германски јазик.

- Верувам дека наградата е резултат на моето 35-годишно работење во една обемна научна институција каде придонесував со своите научни трудови и обрaзование, изјави Шериф. Академик Грозданов е еден од најеминентните историчари на уметноста - медиевисти, не само во Македонија, туку и во Европа. Неговите продлабочени познавања на средновековниот фрескоживопис и иконопис на историските и црковните прилики го вбројуваат во врвните експерти за сесловенската мисија и за седмочислениците, меѓу кои се св. Кирил, св. Методиј, св. Климент, св. Наум,...

Наградата „Св. Климент Охридски“ се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија. Во рамки на одбележувањето на празникот, делегација на Владата, во чиј состав беа министрите за култура и за транспорт и врски Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески и заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска-Бошковски, како и делегација на Град Скопје положија цвеќе на споменикот Свети Климент Охридски, пред Соборниот храм во Скопје. Во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ утрово за празникот се одржа Божествена Литургија.

Извор:  http://cooltura.mk/nauka/vrachena-drzhavnata-nagrada-sv-kliment-ohridski