Да замислиме двајца хрватски граѓани. Марко цел живот работи во сплитско бродоградилиште како инжинер и прима плата која државата редовно ја даночи по стапка од 12 до 40 отсто.
Во зрели години Марко се одлучува да изгради викендица покрај морето, па од своите заштедени и оданочени пари и со дел од подигнат кредит купува 400 квадрати земја и плаќа данок на промет, а потоа почнува да гради плаќајќи и на државата ДДВ на градежен материјал, опрема, бела техника... На крај прави викендица од 70 квадрати како најголем инвестициски успех во својот работен век, но и оаза за одмор, рекреација и дружење со внуците...
Мирко пак цел живот работел како добро платен менаџер во осигурителна компанија. И тој добивал плата која државата редовно ја даночела, но не сакал да гради. Сакал да троши на далечни патувања, а вишокот на пари ги инвестирал во уметнички слики, златен накит и часовници. На тој начин собрал заштеда вредна 100.000 евра. А потоа и на двајцата им се случил Славко Линиќ.
Нелогични потези
Ако Законот за данок на недвижнини се усвои, како што првите информации зборуваат потврдно, на својата викендичка изградена со оданочени пари вредна 100.000 евра Марко ќе мора годишно доживотно да плаќа данок од 15.000 куни. Мирко пак, на својот еднакво вреден имот на државата нема да и плаќа ништо! Каква порака праќа државата на своите граѓани со вакви нелогични даночни закони!
И кој од двајцата од нашата приказна донел животна одлука покорисна за државата и за вкупната економија? Со новите даночни правила државата очигледно го фаворизира Мирко, бидејќи неговиот легално заработен имот нема доживотно да го грицка. Додека Марко ќе го грицкаат со 2000 евра годишно и во тек на 20 години ќе му ги земат половина од вложените пари. Еднаш веќе оданочени! Значи, Марко за државата е лошо момче, или тоа можеби е целосна бесмислица? Дали Марко со своето однесување цело време заработувал пари и за даночниците, па помагал на претприемаштвото и потрошувачката? Тој купувал бетон, цигли, водоводни цевки, врати, прозори, железо... плаќал архитекти, многу мајстори, помагал во економијата и на протокот на пари во неа. А во тоа кружење секогаш имало дел и за Даночната управа.
Доброто момче Мирко, помагал само на себе во остварување на своите хедонистички благодети, а за државата и нејзината економија воопшто не размислувал. На даночниците дал најмалку што можел, а тие уште и го наградуваат со игнорирање на неговиот начин на трошење. Подобро здравје! Ако земеме предвид дека Мирко на крајот на работниот век заработил пензија од 8000 куни, а Марко од 3500 куни, тоа за државата и нејзините ножици не е важно. Марко е тој кој има, на него треба повеќе да му се одземе и тоа го прави трајно, гледате дека човекот има викендица, па макар месечниот данок му однесува една третина од пензијата!? Значи, што сугерира оваа приказна на младите и нешто постарите кои размислуваат каде да ги вложат заработените пари?
Им сугерира со парите да купуваат имот кој не е пред очи на даночниците, па макар тој бил општествено и економски целосно некорисен. Уметнички слики, злато, антички мебел, па дури и со евра добро наполнет сеф во банка, се подобри опции од таа постојано да се биде на удар на даночниците. Се на се, во Хрватска всушност е многу убаво да се живее. Ако човек сака максимално да биде заштитен од даночниците, не смее премногу да се труди, да меша малтер, да носи греди, да го нарушува здравјето на кичмата... Треба да се биде себичен хедонист, помалку мрзлив и префригран. Всушност, треба да се биде позер и паразит, наместо вреден човек.
Заклучок? Не е спорно наместо комунални надоместоци да воведат данок на недвижнини. Спорно е ако тоа воведување се спроведе механички и со една цел, што повеќе да се полнат даночните каси, спорно е ако даночните ножици најмасовно влезат во џебовите на тие на кои стекнатата недвижнина им е всушност целиот животен имот, бидејќи тоа кај нас најчесто се случува. Тие префриганите и навистина богати, на кои недвижнините им се само еден облик на материјализација на заработените пари, за ова не учи искуството, главно ќе најдат начини да ги избегнат даночниците. Затоа треба три пати да се анализира и три пати да се пресмета, а дури потоа треба да се пишуваат членови на закони. вз/12:07
8 ноември 2012
Слободна Далмација - Сплит
Извор: МИА