На целата држава ѝ е потребно приклучување на еден екстерен мозок, како екстерен диск на компјутерите

Деновиве забележувам голема загриженост и кај студентите и кај професорите: вознемирени се од најавите за воведување екстерен испит на средината од студиите, а можеби и на крајот. Рака на срце, јас многу не се потресувам од таквите најави, не само затоа што уште се во зоната на шпекулациите (еднаш го викаат екстерно тестирање, еднаш испит, мислам дека и на креаторите на оваа замисла уште не им е јасно што ќе биде тоа), туку и затоа што се навикнав веќе постојано да има некаков надзор (да употребам фукоовски термин) над сите во општеството.

Надзорот над професорите веќе стана вообичаена практика. Средношколските професори веќе ја проголтаа, мирно, таа таблетка на нивна понижувачка проверка однадвор; сега се на ред универзитетските. Професорите и лекарите впрочем одамна се на листата на „најсомнителните“ во оваа држава - и за мито и корупција, и за несовесно работење, и за несовесно оценување, и за количеството знаење што го поседуваат. Сето тоа е ставено под знак прашалник. Едноставно, удрен им е пикот, па тоа ти е.

Има нешто навредливо и понижувачко во тоа - некој однадвор, што значи некој што не е од Универзитетот да ги проверува оценките што си им ги впишал на твоите студенти. Тоа е повеќе од јасно. Но има и една трагикомична, гротескна димензија во сето тоа, затоа што ние сме многу мала земја во која не можеш да најдеш објективен, екстерен супервизор. На пример, кој ќе ги составува прашањата за мојот предмет нова хрватска книжевност, кога јас до неодамна бев единствениот активен академски ангажиран кроатист што држи предавања од оваа област во Македонија? Од неодамна истиот предмет се воведе и во Штип, каде што го предава моја некогашна студентка, на која сум ѝ бил член на комисија за одбрана на магистериум. Дури и ако таа ги составува, сепак, постои извесна фамилијарност меѓу мене и неа. Да сме во САД, да сме голема држава, екстерните супервизии би биле можни: ќе се ангажира некој професор од северните држави да ја „оцени“ односно „евалуира“ работата на некој од јужните држави -веројатноста дека двајцата се познаваат е минимална. Овде, во Македонија, каде што секој секому му е или роднина или познат преку некој заеднички пријател, тие мечтаења за објективна супервизија се базираат на фикција -на претпоставката дека иако оној што екстерно ќе ме евалуира ме познава, неговиот (а и мојот) морал ќе биде на толку високо ниво што нема да склучиме некаков „сојуз“ и да ја „наместиме“ работата. А да веруваш во моралот во вакви времиња,во кои стомаците се гладни, е доста ризична работа, дури и да станува збор за академските кругови.

Тоа е едната можност -да ме евалуира колега-професор што ќе ги состави прашањата за екстерните испити. Втората е тоа да го стори некој бирократ од структурите на власта или ресорното министерство, што е поцрно сценарио. Можно е тој никогаш да не го студирал она за што подготвува контролни текстови, или уште полошо -да студирал, да бил лош студент и да добил едвај преодна оценка само колку да дипломира и да најде ухлебие во државната администрација. Нему и помислата за одмазда кон мене не би му била туѓа.

Како и да е, тоа е уривање на автономијата на Универзитетот, натамошно сквернавење и бламирање на институцијата универзитетски професор, изразување сомнеж во неговите интелектуални капацитети и академската етика. А студентите? Што да кажат тие? Положиле испит, ама само условно, додека екстерниот ум не оцени дали тоа полагање било валидно? Кај им ги умноживме програмите со дузина непотребни испити, па сега и малтретирањето со ова?

Затоа, Македонија ми личи на еден голем компјутер на кој, сметаат оние што ни водат, му е потребна и екстерна меморија, екстерен диск, надворешен мозок. Не знам дали навистина има потреба од тоа (ако на власта ѝ треба,нека си се приклучи на екстерен политички диск), ама знам дека кога на еден мозок му се приклучува друг, суперпониран, тоа личи на орвеловска приказна и на теориите за паноптикумот, надзорот и застрашувањето со казна. Тоа не ми се допаѓа и се надевам дека разумот ќе надвладее. Едноставно, таквите екстерни цензури и контроли на академската супстанција се -надвор од демократскиот ум. И од секој здрав разум.
„Речник на човековата  душа“
e заеднички наслов на новиот
серијал колумни  на Венко
Андоновски, што премиерно ги објавува „Нова Македонија“.
Во нив Андоновски пишува
за загубените вредности
во лавиринтот
на современото живеење


Автор: Венко Андоновски
Извор: Нова Македонија