Тоне подот на црквата во Бигорски манастир

 

За санирање се бара помош од Националниот конзерваторски центар

СВ.ЈОВАН БИГОРСКИ - Дел од подот на влезот во црквата „Св. Јован Крстител“ во Бигорскиот манастир е пропаднат, а последниве денови местото се проширува. За санирање на ситуацијата надлежните од црквата побарале помош од Националниот конзерваторски центар. Истата појава била забележана пред неколку години кога од Националниот конзерваториски центар биле побарани стручни лица да понудат решение за санирање. Но, досега нема никаков одговор што да се преземе, иако интервенцијата е неопходна.

„Во манастирската црква ‘Св. Јован Крстител‘ треба да се изврши реконструкција на повеќе делови. Електричната инсталација е дотраена, подот нерамен, а малтерот од ѕидовите се рони. На одделни места има влага која може да предизвика оштетување“, загрижен е архимандритот Партениј.

Овие зафати се потребни за да се зачува автентичноста на црквата и да не се дозволи загуба на непроценливото културно - историско и духовно богатство. „Пролетва, кога ќе почне обновувањето на изгорените манастирски конаци, ќе настојуваме да се направи реконструкција на црквата“, вели отец Партениј.

Бигорскиот манастир е препознатлив по иконостасот во манастирската црква „Св. Јован Крстител“ што го изработиле познатите мијачки зографи - копаничари Петре Филипоски Гарката од Гари и Макариј Негрев Фрчкоски од Галичник, во периодот од 1830 до 1840 година. Иконостасот на ореово дрво, ги претставува животинскиот и растителниот свет, онака како што во тоа време можела да го долови генијалната имагинација на мајсторите - копаничари. Како на филмска лента се наредени сцени од Стариот и од Новиот завет, земниот живот, растителната орнаментика со стотици човечки и животински фигури. Прикажани се сцени од животот на Мијачките предели и пошироко, фолклорот преку носиите, зурлата и тапанот, флората и фауната. (К.К.)