Само еден миг е доволен

TVITer101

Дали човек воопшто може нешто да каже пред силата на природните стихии, кои постојат онолку долго колку што постои и светот? Дали има зборови што можат да го опфатат едно невреме од вакви размери? И не само кај нас, туку низ целиот Балкан. Доволно е да се отворат информативните портали и веднаш станува јасно дека пламените јазици, поплавите и другите природни непогоди не познаваат граници.

Можеби отсекогаш било така. Само што порано вестите не стигнувале толку брзо до нас, па сме живееле во уверувањето дека ваквите трагедии се случуваат некаде далеку. Денес тоа веќе не е можно. Светот стана едно глобално село. Границите не можат да нè одделат од она што се случува, а последиците – без разлика дали се природни, општествени или политички – сите нè засегаат. Тоа не е само „некаде таму“. Тоа е насекаде. И тоа е овде, меѓу нас.

Пред вакви сили човек може само да застане, да се замисли и да ја почувствува сопствената кревкост. Да сфати колку лесно се оддалечуваме од смислата на животот и од Бога. Толку често живееме како да сме господари на времето и на утрешниот ден, заборавајќи дека денес сме тука, а веќе утре можеби нема да нè има. Еден миг е доволен сè да се промени.

Никој не може да ги контролира природните стихии. Никој не може да ни гарантира дека утре ќе се разбудиме, дека домот ќе остане непроменет или дека животот ќе продолжи по патеката што денес ни изгледа сигурна. Сè што имаме е дар, а не нешто што ни припаѓа засекогаш.

Но токму во ваквите мигови се појавува и најсилната искра на надежта. Кога ќе се случат несреќи, тогаш најјасно се открива човечноста. Луѓето ги отвораат своите домови, им подаваат рака на непознати, доброволно помагаат и се грижат едни за други. Тогаш станува очигледно дека љубовта кон ближниот не згаснала. Во тие моменти сфаќаме дека заедништвото е еден од најголемите Божји дарови и дека токму преку него најсилно се пројавува човекољубието.

А ние, и покрај сето тоа, честопати се занимаваме со минливи и безначајни нешта, дозволувајќи светот да тргне по патишта што го оддалечуваат од доброто. За тоа, во помала или поголема мера, сите носиме одговорност.

Затоа секој од нас треба барем за миг да се повлече во својата тајна соба, да се помоли за светот, за своите ближни, па дури и за своите непријатели. Денес молитвата не е бегство од реалноста, туку начин да не дозволиме реалноста да нè лиши од човечноста. Ако веќе не можеме целосно да го победиме злото, тогаш барем да го скротиме лудилото што од сите страни се обидува да го обезличи овој свет.

Зашто, ако нешто може да им се спротивстави на стравот, омразата и разурнувањето, тоа се верата, молитвата и љубовта што се претвора во дело.

TVITer102

Нè очекуваат бурни времиња. Но, ако Бог е во нашето срце, Христос на нашите усни, а надежта во нашата душа, тогаш ќе имаме сила да одиме напред – без страв.
Да не заборавиме дека и во радоста, и во невремето, Бог е нашиот единствен Закрилник.

Само Бог е Поткрепител, само Бог е Утешител, само Бог е Помошник, само Бог е Избавител. Во Него е нашата сила, нашата надеж и нашето спасение.

Симеон Стефковски

21 Јули 2026