TVITer25

АХ, МОЕ МРАЧНО МОРЕ…

Овој морски пејзаж ме тера со мислите да потонам во тајните што ги крие морето. Кога го гледам, се присетувам на човечката душа. Тие две се толку слични — како брат и сестра.

И душата и морето имаат длабочина и широчина, светли и темни места, познати и непознати предели. Понекогаш освежуваат и смируваат, а понекогаш гушат. Те вовлекуваат во себе, те тераат да се изгубиш и да потонеш. Морето има риби што проголтуваат тела, а душата — страсти што ја разјадуваат душата. И едното и другото умеат ненадејно да го откријат она што долго го криеле во себе.

По морето пловат мали и големи бродови и чамци. Низ душата минуваат луѓе, настани и спомени — некои значајни, некои минливи; некои тивки, а некои потресни; радосни или болни. Некои продолжуваат понатаму, некои се враќаат, а други исчезнуваат во длабочината, како потонати бродови.

Некои мориња се отворени и бескрајни, со хоризонти што те повикуваат да запловиш со нив, те привлекуваат и маѓепсуваат — како некои човечки души. А некои души се затворени, недостапни, без воздух, заматени и застојани како мориња без движење.

Кој може да ги смири и морето и душата?

Само Оној Кому Му е својствено да чекори по морето, да пребива во длабочините на душата, да поучува и да носи мир. Оној Кој, кога ќе посака, му заповеда на морето и го успокојува.

Некогаш морето Му даде храна од својата утроба. А сега Тој Самиот се дарува Себеси — не на морето, туку на неговата сестра: човечката душа.

Автор: о. Спиридон Василакос

Подготвил С.Стефковски извор богоносци.бг