Современите јазици се развивале низ историјата, а особено денес, со новите медиуми, комуникации и преводот, преку меѓујазични контакти. Од една архаична јазична матрица се создадени нови помали говори кои се кодифицирани како посебни јазични системи. Ареалната лингвистика ги проучува контактите и влијанијата меѓу јазиците. Богатите јазици имаат голема моќ да ја приопштуваат и да ја усвојуваат, според своите граматички (морфолошки и др.) правила, лексиката која потекнува од други јазици. Англискиот јазик, на пр., се темели врз латинскиот и францускиот, сите романски јазици се блиски, словенските јазици се сродни, но тоа никогаш не било повод за да се деградира некој јазик (англискиот или некој друг). Уште помалку тоа е причина да се изведуваат идентитетски омаловажувања на јазикот (демек имале потекло од окупаторите!!!). Јазикот и усната народна реч има своја СВЕСТ и во извесна смисла е независна од вулгарната политика. Побитна е комуникацијата меѓу луѓето и јазиците на одреден простор и во одредени општествени услови.
                    Кога е присутна тенденција на деградирање на оригиналноста и идентитетот на еден јазик, на пример на македонскиот, уште и кога тоа се прави од самите говорители на тој јазик, се случува сериозен упад кој има некоја нелегитимна политичка и стратешка заднина/предумисла и намера. Јазикот е толку побогат и повитален колку што бил чувствителен на другите јазици со коишто доаѓал во контакт. Како слика на свет, јазикот во секоја епоха се отвора спрема новите обележја на епохата (религиски, научни, културни, цивилизациски, социјални, книжевни, модни...). Јазикот е ИСТОРИЧЕН. Не може да бидете дел од латинската/римската или од византиската империја и цивилизација, а тоа да не се одрази врз вашиот јазик. Не може да бидете составен дел од Отоманската империја, а тоа да не се одрази врз јазикот. Премногу фрустрирани од т.н. турски, српски и други влијанија врз македонскиот јазик се најчесто лица со ограничени познавања од областа на науката на јазикот, а подложни на тековни и политички коректни јазични политики. МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ИСКЛУЧИТЕЛНО БОГАТ И, ШТО Е НАЈВАЖНО, ИМА КАПАЦИТЕТ ДА ГЕНЕРИРА БЕСКОНЕЧНИ ЗНАЧЕЊА И ЈАЗИЧНИ ФОРМИ (од еден глагол повеќе именки, епитети, глаголски прилози и др.). За еден предмет/суштество, на пр. буба мара, постојат околу 16 изрази/именки/зборови во македонскиот јазик, а во многу поголеми јазици нема ни од далеку такво богатство на синоними (дијалектизми).
                 Кој ги исфрла синонимите од сите епохи насобрани и полни различни рефлексии и сеќавања на минатото, тој си го осиромашува јазикот. Осиромашениот јазик дава и сиромашна книжевност, оти книжевноста има потреба од слобода, избор, право на неограничен избор и иновации. Лошите преводи му нанесоа голема штета на македонскиот јазик, како последица на нив се осипа и бројот на читателите.
Запомнете:
Кога се губи јазичната слобода се губи и човечката. Без право на избор и на слобода, нема врвна уметност и книжевност.
Потценувањето на македонскиот јазик е опасна појава, показ за политички и творечки заробен ум.
Имате ли нешто свето во животот?

 

Фб Katica Kulavkova

 TVIT982.ptica.Katica

 5.01.2024