Коста

Тихомир Јанчовски

И мачките се како скопјани, штом видат гадост, нечистотија или ѓубре на едно место, потоа сите го прават истото таму, баш на тоа место
Деновиве, откако постуде, мачките од улицата се преселија во влезот од мојата зграда и навечер се туткаат една во друга и спијат на купче на чергичето кај комшиите од приземје. Нашата зграда е мачкарска од памтивек, си имаме таква навика да ги галиме, да им зборуваме, да им смислуваме имиња, да им оставаме за јадење... Откога живеам во зградава, речиси секогаш имало општи мачки што се мотаат околу и во влезот, и на тоа сме свикнале. Зградата ни ја викаат „Професорска“, ама може да ја преименуваме и во „Мачкарска“. Дури и шарите на некои чергичиња пред влезните врати ни се со мачки. Еве, мојата на пример. Арно ама, сега си имаме мака. Некоја од мачките (а ги има 7-8) почна да оди по нужда на еден меѓуспрат, и да ни го гади влезот. И мезанинот стана мачешки нужник. Јавно веце. Никогаш не правеле така, оти се чисти животни и по потреба си одат надвор, дури и си закопуваат зад себе, ама сега кога им студи станаа невоспитани. Срамота. И не знам што ќе се прави, ќе мора да ги бркаме и да им затвораме врата, инаку... не знам. Едно време, имавме и куче скитник во влезот и тогаш мачките ги немаше. Ама кучето многу лаеше, особено на непознати. И не' вадеше од памет со лаењето.

Како и да е, денес сакам да пишувам за едно посебно животинче. Од сите мачки, една беше НАЈ!

Пред многу години, имав мачор. Ама не од овие општиве мачки од зградата, туку домашен. Се викаше Коста. За мене, тој беше и остана најубавиот и најпаметниот мачор што некогаш се родил и живеел на светов. Беше сиво-бел (сив озгора и бел по мевот), со големи очи, и постигна тежина од 5,5 кг на возраст од една година. Опашот му беше широк и мек, како на верверичка, влакното долго и сјајно, а главата му беше голема (баш голема, да не речам огромна). Знаеше сам да си отвори врата и си одеше понадвор - надвор, не му требаше ни мачешко веце, ни песок, никогаш не направи никаков бербат. Кога ќе ми дојдеа гости, изведувавме циркуски трикови, а некогаш и заедно гледавме телевизија. Еднаш му се налутив дека не се ни растажи ниту заплака на еден многу жален филм, за едно болно дете. Само гледаше де во мене де во телевизорот. Смотан. Понекогаш ми спиеше на градите и ме удираше со шепата по носот наутро да ме разбуди, да не му е досадно сам. Не беше избирлив за храна, а најмногу од се' сакаше маслинки... и мусака. А јадеше и зелка... и се'. Еднаш му дадов да јаде месо од ајкула (јас не можев да го јадам, го купив без врска божем да пробам, ама многу ми беше јако), и потоа здиве и трчаше по ѕидовите... како моторџија на саем. „Ѕид на смртта“. Единствено не научи да зборува, инаку ќе го пратев на школо од мал. Мислам дека сигурно ќе беше првенец. Кога потпорасна, Коста стана предводник на сите мачки од блиската околина. Доминираше меѓу своите со габаритот на главата и телото, ровареше со друштвото по контејнери и некогаш знаеше да го снема и по десет дена. Одеше по мачешки работи. Но секогаш се враќаше дома, сиот замачкан и исцрнет, како со суканици, и тогаш сестра ми го бањаше. Со шампон, во леген. Многу мразеше вода кутриот, и беше многу понижен кога е сиот наводенет. Некако се смалуваше, се тресеше и беше како јадосан и несреќен кога беше наводенет. Знаеше и да се тепа. Беше и заљублив. Еднаш дома донесе мачка и ја стави на столчето до него и ја гледаше вљубено цела ноќ. А мачката беше постара од него, ја знаев од влезот, и не беше некоја убавица... мислев не е најдобра прилика за мачорот мој, ама тој си знае. Го бараа и за мачиња, дека убав. Еднаш, по инсистирање на еден пријател го однесов кај една фамилија што имаше домашна мачка (шарена и негувана, туф-туф), и таму Коста го ословуваа со „зете“, а мене со „свате“. Ц,ц,ц... ептен беа мачкари луѓето, не сум видел други такви. Од таа средба му се роди и потомство, 4 маченца, а син му Баги го надживеа едно 10 години. Коста замина млад, на 2 години, од последици на борби со врани. Оние лошите што гракаат зимно време од соголените дрва по Скопје. Загина со херојска смрт. Беше болен и искршен по битката, и еден ден само замина таков и веќе не се врати. Сакал да умре сам.

Ете, се сетив на него. На мачорот мој некогашен. И мачките се како луѓето. Ги има паметни, средни и смотани. Некои имаат стил, некои не. Коста беше добар дечко.

Ве поздравувам. За многу години празниците!

Извор: Утрински весник

09.01.2016 год.