Подари книга

Тихомир Јанчовски

Знам по себе дека кога човек е болен и лежи, поинаку ги доживува книгите и е многу поотворен за она што го пишува во нив. И може многу да му повлијаат, да најде утеха и да стане макар малку подобар човек од порано

Еве, денот се прекрши, почна да наголемува, од вторникот зимата почна и календарски. Времето не е премногу студено, не можам да се пожалам, градот е декемвриски сив, воздухот е тежок и посмрдлив од лани, на тоа можам да се пожалам... но, нема снег, нема ни мразулци. Да си кажам право, искрено се надевам дека зимата ќе биде блага и дека брзо ќе помине. Настрана тоа, за денес имам актуелна тема. За книгите. Имено, си седам јас така пред едно две недели во „Децата од нашата улица“ и пиеме кафе со Шотаровски, човекот што го држи местото. И ми вели:

-Професоре мој (тој така ме вика), ми требаш нешто... вчера беше Божо, го знаеш, и ми кажа нешто... пациентите кај него немале книги за читање, а не гледаат телевизија. Не ги интересира.

-Кој Божо? Докторот? Вевчанецот?

-Да бе, тој... наш Божо.

-И?

-И тоа. Вика, ми бараат книги, а немаме што да им дадеме, немаме библиотека, ништо. Па мислев да направиме една акција за собирање книги, да се направи нешто таму, болничка библиотека.

-Шотка (така јас го викам), правиме! Готово! Еве, ќе направам се' што е до мене, знам како е, последниве пет години трипати лежев во болница, идејата е многу добра. Ќе собереме многу книги, сигурно. Ќе ни се отвори.

-Така бе, професоре мој.

И така почна. Потоа работите одеа со лесно, спонтано направивме текст и оглас, го постиравме и настанот го закажавме за сабота, 26 декември. Тоа е денес. Се вика: ПОДАРИ КНИГА!

Знам по себе дека кога човек е болен и лежи, поинаку ги доживува книгите и е многу поотворен за она што го пишува во нив. И може многу да му повлијаат, да најде утеха и да стане макар малку подобар човек од порано. Еве, кога пред десетина години лежев укочен на земја (ме фати дискус-хернијата па не можев да мрднам), ми дојде под рака „Живи мошти“ од Тургењев. Не знам како се погоди таква книга во таков момент. Многу добар расказ, преубав. Се работи за една фатена (парализирана) девојка, Лукерја, што го сака животот и ја раскажува својата судбина. Прочитаното толку ме трогна и беше толку катарзично за мене што веднаш откако станав на нозе, прво што направив е што ги преведов „Живи мошти“ на македонски. Чудна работа, иако е ремек-дело и како такво е дел од лектирата во многу земји, кај нас дотогаш не беше преведено. Го дадов без никаков надоместок и по некое време излезе, и тоа како издание на Скопската епархија. Други издавачи не беа заинтересирани.

Исто, се сеќавам и на еден муабет од пред 20 години со Деки Бомба, на истава тема. Рака на срце, овој Деки не беше баш по книжевноста, ни тогаш ни сега, а беше прилично габаритен и физички ненормално силен, работеше како „избацивач“ на врата по тогашните скопски дискотеки. И ми кажува тој и таков Деки, ми вели: „Знаеш, кога зимоска лежев во болница, ја прочитав ’Бедни луѓе’ од Достоевски... многу јак роман. Се убив од плачење. Колку само страдање има по светот“. А немаше друг на светов од кого помалку би очекувал да каже такво нешто, ама тоа е... човек учи дур е жив.

Ете, токму ваквите моменти од личното искуство ме мотивираа да се зафатам со акцијава со сета сила, и верувам дека ПОДАРИ КНИГА ќе биде многу успешна приказна. Не сме врзани со министерството, ни со власта ни со опозицијата, немаме никаков фонд, само добра волја. И многу луѓе ни се приклучија за кратко време. Ова е чисто граѓанска иницијатива... а и граѓанска должност. Акција за оформување болнички библиотеки. Има и такво нешто. Во ова чудно време кога книгите се' помалку се читаат, сепак се потребни некому. Сигурен сум дека секој од нас по дома има некоја вредна и убава книга што му значела кога бил болен. Нека ја подари токму неа, или некоја таква, не која било.

Инаку, вчера прочитав дека читањето книги за време на болест било и стручно проучено и препорачано, се викало „библиотерапија“. Многу отмено звучи.

Толку од статиите за годинава, да сме здрави и живи, ќе ви пишувам пак по две недели, во јануари. Во новата календарска година.

Ве поздравувам и ве очекувам денес од 11 до 15 ч. на Ленинова 29.

ПОДАРЕТЕ КНИГА!

Извор: Утрински весник