На 15 септември (четврток) во 20 ч., во Галеријата Рудиќ ќе се отвори заедничката изложба на фотографии на Ема Кушевска и Михајло Филиповиќ - Фил, на тема "Над вода - под вода".

Љубовта кон природата и фотографијата, особено кон водите, ги поттикна да избегаат од градот и веќе 12 години живеат на струшкото крајбрежје, крај езерото кое е вечна инспирација за секој уметник.
На овој навидум мал простор, тие секојдневно пронаоѓаат нови мотиви,  го запознаваат богатството на ендемската флора и фауна,  ги откриваат убавините на четирите годишни времиња, а лете подводниот свет на нашето прекрасно Охридско езеро. Денот е прекраток, како што велат, да се регистрираат и овековечат сите случувања на малото по површина, но големо пространство со своите чудесии, од изгрејсонце, до зајдисонце.

Фил, роден во Хрватска, професионален фотограф и нуркач, ги замени солените јадрански води со слатката охридска и на оваа изложба ни' го пренесува подводниот свет на тишината.
Ема, родена во Скопје, чија прва љубов е сликарството, овие 12 години својот уметнички порив  го изразува преку објективот на својата камера. Иако и таа обожува подводна фотографија, на оваа изложба ќе се претстави со надводниот свет, онака, како таа го доживува.

Ова е само мал дел од нивното творештво, во надеж дека во иднина повторно ќе имаат можност на јавноста да и' ги претстават своите дела.

Изложбата ќе трае до 8 октомври 2022 г.

Срдачен поздрав
Боро Рудиќ