„Монахот што се плашеше од смртта“ ќе ја претстават Гоце Ристовски и Лилјана Пандева
Нова книга раскази од Горан Василевски, насловена „Монахот што се плашеше од смртта“ , чиј издавач е ПНВ „Публикации“, ќе биде промовирана утре со почеток во 19.30 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар. Книгата ќе ја претстават критичарите Гоце Ристовски и Лилјана Пандева, а делови од расказите ќе читаат актери од НАТГ „Аматер“ од Охрид.
Горан Василевски е автор и на претходно објавените книги, на збирката поезија „Мандарина“ (2008) и на романот „Оревот“ (2013). Роден е во 1968 година во Постојна, Словенија.
За неговата нова книга, Лилјана Пандева меѓу другото вели: „Збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ е составена од 17 раскази. Секој од нив е приказна за себе. Тие се самостојни, со различни теми и секако со различен пристап во раскажувањето. Авторот сам ги подредува така како што се хронолошки и напишани. Литературната критика пак слободно може да ги издвои во циклуси. Храбро одејќи од тема на тема, градејќи секојдневни, а толку несекојдневни ликови, раскажувајќи веќе раскажани приказни, Горан Василевски докажува зошто е читан автор, зошто полека почнува да го зацврстува своето место во македонската современа проза“. (К.Б.)
Извор: Утрински весник