ИКОНА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
“ОМЕКНУВАЊЕ НА ЗЛИТЕ СРЦА’’

Иконата на Богородица, "Омекнување на злите срца", ја нарекуваат уште "Прорекувањето на Симеон". На неа симболично е прикажано пророштвото на свети Симеон Богоносец, изговорено од него во Ерусалимскиот храм на Денот на Предавањето на Господ (Сретение): „Па ги благослови Симеон и И` рече на Марија, Мајката Негова: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, а и на Тебе Самата меч ќе Ти ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца" (Лк. 2:34-35).

Вообичаено на оваа икона е насликана Богородица, срце Кое го пронизуваат седум меча– по три од десната и од левата страна, а еден отдолу. Бројот "седум" во Светото Писмо означува полнота на нешто, а во овој случај полнотата на онаа тага, жал и "срцева болка" која што Богородица ја носеше за време на Нејзиниот земен живот. Понекогаш на оваа икона е испишан уште и Предвечниот Младенец на колената на Пречиста Дева.

Изборот на мечовите на иконата не е случаен бидејќи е поврзан со човековото претставување за пролевање на крв.

Постои и друго толкување на изобразувањето на седумте меча кои ги пронизуваат градите на Пресвета Богородица. Седумте стрели на иконата е полнотата на жалоста на Божјата Мајка, но Таа сега не страда од тоа што ги гледа страдањата на Синот, распнат на крст, туку душата на Пречистата ја пронизуваат острите стрели на нашите гревови. Тоа се седумте главни гревовни страсти на човекот. Секоја постапка, секое зло дело кое е предизвикано од зло чувство, лоша мисла, ги прободува градите на нашата прва Застапничка пред Бог, самите стрели или на некои икони тоа се мечови, причинувајќи бол на љубовното срце на Мајката. А Таа, како што знаеме, секако е подготвена да Го моли Синот за секого од нас, кој прибегнува кон Нејзиното свето застапништво.

Празнувањето на иконата е на 15 февруари [02 февруари по јулианскиот календар, а исто така и во неделата на Сите Светии (првата Недела после Педесетницата)].

Сите верници кои прибегнуваат кон чудотворните икони со вера и молитва, чувствуваат дека кога срцето им омекнува, се ослободуваат од душевните и телесните страдања. Тие осознаваат дека кога се молат пред овие икони за своите непријатели, тогаш исчезнуваат нивните непријателски чувства отстапувајќи им место на добрината и милосрдноста.
+++

Пред оваа икона се молат за исцелување од инвалидост, раслабеност, за смирување на непријателите и за омекнување на злите срца при непријателство или гонења.

Молитва пред Иконата на Богородица “Омекнување на злите срца’’:

О, Многустрадална Мајко Божја, Повисока од сите чеда на земјата по Својата чистота и по мноштвото страдања, кои на земјата си ги издржала! Прими ги нашите многуболни воздишки и сочувај нé под покровот на Твојата милост. Друго прибежиште и топло претставништво освен Тебе немаме, но зашто имаш храброст кон Родениот од Тебе, помогни ни и спаси нé по Твоите молитви, за да непречено го достигнеме Царството Небесно и заедно со сите светии секогаш да Го воспеваме во Света Троица Единиот Бог, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Во пресрет на празникот Сретение Господово.

Подготви: Снежана Корнет

15ти февруари 2019 лето Господово