ПРЕД ДЕЦАТА, ПРЕД СЕБЕ
✍️ Симеон Стефковски
родител и наставник

TVITer86
   Никогаш не сакам да генерализирам. Често пишувам и за себе, затоа што личното сведоштво ми е најискрено. Но кога пишувам, неминовно ја гледам пошироката слика, низ призмата на личното искуство што го живеам секојдневно.
Во воспитно-образовниот процес често се нагласуваат дисциплината, доследноста и одговорноста како клучни вредности што учениците треба да ги усвојат. Но, подеднакво важно прашање е: на кој начин тие вредности им се пренесуваат – преку збор или преку личен пример?
И еве, повторно ќе напишам збор-два за нашите деца, за нашите ученици. Повторно ќе кажам – не генерализирам, но некако токму ова што ќе го напишам го засенува останатото како пример.


Кога бараме дисциплина и доследност од децата, дали и самите сме такви? Деновиве видов толку примери и ситуации во кои возрасни луѓе – нели, „ај да не именувам“ – не си ги завршуваат обврските во зададен рок. Не е важно дали обврската е голема или мала, важна или небитна. Постојат рокови и тие треба да се почитуваат.
И нашите ученици имаат предмети кои можеби не им се важни или интересни, па сепак ние бараме од нив да бидат посветени и одговорни. А ние? Кај нас секогаш има оправдување: „не ми беше јасно“, „сум изумил“, „немав време“. А од децата бараме сè да им биде јасно, да не изумуваат и секогаш да имаат време.
Роковите, обврските и меѓусебното почитување не се само педагошки поими, туку живи практики. Кога возрасните не ги почитуваат сопствените обврски, а од учениците бараат строга точност и ангажираност, се создава јаз помеѓу пораката и реалноста.
Како се однесуваме едни кон други – како колеги – често со непочитување, а од нив бараме почит. Понекогаш дури ги тераме да толерираат неправда или, не дај Боже, мобинг. Не можам да сфатам како обврски што треба да бидат завршени во одреден рок, и од кои зависат многумина, остануваат незавршени, а истовремено од учениците бараме максимална ангажираност и точност.
Од нив бараме совршенство, а за себе си дозволуваме амнестија за сопствените „клизнувања“.
Како ќе ги научиме децата на манири, култура и однесување, ако ние самите не сме такви? Или сме едноставно слепи за сопствените недостатоци.
Не можеме да изградиме поинакви деца и поинакви генерации ако не сфатиме дека и ние имаме на што да работиме и што да менуваме. Во спротивно, во најмала рака ќе бидеме лажговци и лицемери, а уште полошо – ментална кочница за развојот и педагогијата на младите генерации.
Ако сме ние шушумиги, ќе бидат и тие. Ако, пак, во нас гледаат столб на правдина, посветеност и убав манир, токму тоа ќе се обидат да го научат. Нема многу филозофија – причината и последицата секогаш одат рака под рака.
Забораваме. И станавме нетолерантни, тешки луѓе. Забораваме кои сме биле, но – што е уште потажно – забораваме и кои сме сега.