3.angeli.so.truba

Краток историјат за новогодишната прослава

     Прославувањето на новата година како што денес се слави не е некоја новина туку потекнува уште од стариот Вавилон, а неговите почетоци се регистрирани околу 2000 години пред Христовото раѓање. Во Светото Писмо на ниту едно место не се заповеда празнување на таков празник, ниту Адам славел, ниту некој од старозаветните патријарси, ниту пак Мојсеј или некој од неговите следбеници.                                                                         
   Што всушност претставува славењето на нова година и од каде дошло празнувањето на еден пагански празник во православието?  Овој ден особено го празнувале старите римјани како ден посветен на богот Сатурн, а го славеле со прејадување, опивање, оргирање и како врв на избезуменоста во чест на Сатурн жртвопринесувале човечки жртви, по што целата прослава завршувала.
 
    Овој ден кај православните почнал да се слави во текот на IV век за време на владеењето на царот Константин кој иако дал потполна слобода на Христијанството што придонело тоа слободно да се шири помеѓу римјаните, сепак тие многу тешко се одвикнувале од славењето на овој „празник“, со други зборови станале христијани но не се откажале од славењето на Сатурн. Во почетокот Црквата го забранувала празнувањето, но за жал никогаш не било до крај искоренето.                                      
     Најлошото во целата приказна е тоа што ние Православните христијани одиме чекор понапред од самите пагани. Наместо да се подготвуваме за достојно прославување на Рождеството Христово, ние живееме во период на лажна еуфорија, која претставува една опасна демонска замка со цел целото внимание да ни биде насочено кон нешто што воопшто не ни е потребно за спасение на душата, туку многу полошо - губење на истата. Целата енергија која треба да ја усмериме кон пост, размислување, покајание, молитва ние ја заменуваме со организација за неколку часа угодување на демонот. На сите ни е јасно што се случуваа на таа „незаборавна“ вечер (до душа голема вистина е дека е незаборавна бидејќи Бог ќе си спомне за неа кога ќе застанеме на Страшниот суд), се случува пијанство, прејадување, блудствување, па дури и физичко пресметување. Ако нашите зборови ги сметате за лажни слободно на 01.01 гледајте вести и ќе се уверите, а добро ни е познато дека овој период е време на пост во кој треба да се воздржуваме од сите пороци.
     Со други зборови оваа вечер претставува еден своевиден тест за човекот за тоа кој ќе избере - Бога или Мамона!? Доколку сме вистински Христови следбеници нема да имаме проблем околу изборот, но доколку избереме прослава на некоја искомерцијализирана вечер, треба да размислиме што правиме, кому служиме и дали сме вистински христијани?
    За крај само би рекол: Подобро без веселба во првиот ден од новата година, отколку во Осмиот ден!

 

3.angeli.so.truba

                                                                                              
   јереј Димитар Арсовски