(12.12.2012 )
Комисијата за образование на Рускиот парламент ги отфрли барањата за промена на предметот „Основи на религиозната култура и етика“ со изучување на основите на духовно-моралната култура. Измените радикално ќе го променеа сегашниов предмет во училиштата. Во предлог-законот „За образование“, усвоен од државната Дума во октомври на првото читање, се зборуваше за учебни предмети, посветени на „историските и културните традиции на светските религии“. Но измените, за коишто се зборувало оваа недела, дозволуваат само „знаење за основите на духовно-моралната култура“, со што ги лишуваат религиозните организации од правото да влијаат на содржината на самите предмети. Според зборовите на пратеникот Олег Смолин, во пресрет на гласањето претставници од Црквата се сретнале со вице-премиерот Игор Шувалов, а утредента на гласањето присуствувал протоереј Всеволод Чаплин, одговорен за односите помеѓу Црквата и општеството при Московската Патријаршија. Резултатот бил таков што парламентарната комисија ја задржала досегашната позиција.
Протоереј Всеволод Чаплин го нарекол решението на пратениците „торжество на разумот“. Владиниот предлог за предлог-законот е плод на непрост компромис, до којшто се доаѓа после неколку години преговори. Како што често се случува, помеѓу првото и второто читање се предлагаат разни промени, вклучувајќи ги и радикалните. Но мудроста на државата и општеството во овој случај се појавија во полнота и постигнатиот компромис беше сочуван.
Протоереј Максим Првозвански рече дека секој од пратениците има право да излезе со каков и да било предлог, „дури и да каже глупост“, но тоа не значи дека секој неразумен предлог треба да биде прифатен. Тој изјави дека сепак ако предложените промени бидат прифатени, тој како главен уредник на списанието за млади и активен блогер ќе направи општественото мислење за тоа прашање да биде променето.
Еден друг руски свештеник, протоереј Александар Иљашенко, истакна дека резултатите од изборот на предметите, коишто ги користат пратениците, не се точни, бидејќи предметот „Основи на религиозната култура“ е сврзан со религиозните традиции. Тој смета дека е правилно да се каже дека само 42% од родителите избрале за своите деца предмет којшто не е поврзан со религијата, а 58% сакаат нивните деца да добиваат религиско знаење во некаква форма.
Пратеникот Илија Свиридов изјави дека предложените промени „се целосно во духот на реформата на образованието, којашто некои се обидуваат да ја наметнат на општеството и којашто може да доведе до значителен пад на квалитетот на образованието, а и до деградација на општеството“. Според него, ако противниците на веронауката успеат да си ја постигнат целта, тогаш „ќе треба да создадеме свои вероучилишта, чиишто ученици ќе знаат за религиозните основи на нашата култура, историја и државност“.
Извор: Двери.бг
Преземено од МПЦ-ОА