Преподобен Пајсиј Светогорец

✤✣✤

Молитва за другите

(II дел)

✤✣✤

Болката на своите ближни направи ја своја болка

✤✣✤

Рековте, Старче, дека ќе создадеме една работилница за молитва. Кога ќе биде тоа?

-Од вас зависи... Следниот пат ќе видам во каква состојба сте, па во зависност од тоа... ќе засноваме една духовна работилница за молитва. Ако се молите со болка, знаете ли каква сила ќе има таа молитва? Ќе се молите за проблемите на светот, и оние луѓе кои во тој миг ќе бараат помош од Бога и ќе се најдат на иста фреквенција, ќе ја добијат Неговата помош. Јас ги чувствувам душите што се милостиви; ги чувствувам нивните молитви како сила која доаѓа во бранови. Често чувствувам кога некој болен се моли и кога таа молитва ќе му помогне.

Старче, дали душите за кои се молите го чувствуваат тоа?

-Да, чувствуваат дека ги потресувам, се растреперуваат. Кога молитвата се прави со болка, дури и непознатите луѓе го чувствуваат тоа.

Старче, кога нашата молитва за ближни Му е поугодна на Бога?

-Кога ја чувствуваме молитвата. А ќе ја почувствуваме ако се ставиме себеси во положбата на ближниот. Доколку се ставиме себеси, да речеме, во положбата на некој болен или некој упокоен, тоа ќе ни помогне да се молиме со болка; болката слегува во срцето, па нашата молитва станува срдечна.

Старче, кога ме гушат помисли не можам да се молам.

-А зошто, добро дете мое, не го оттргнеш малку вниманието од  себе и не почнеш да мислиш  и на луѓето кои страдаат? Знаеш ли колку растурени семејства има, колку по патиштата и Домовите има несреќни и напуштени дечиња, без љубов? Колку од нив во овој миг викаат: „Помош, помош!“, а во близина нема никој кој би им помогнал? Колку луѓе се дават во морињата, колку од нив страдаат во автомобилски несреќи, колкумина се мачат? Толку многу луѓе имаат потреба од молитвите на монасите, а ние го губиме своето драгоцено време на ништожни помисли или детински поплаки, или, пак, своите духовни обврски не ги извршуваме како што треба? Гледај да излезеш од себе и болката на својот ближен да ја направиш своја болка. Така ќе стекнеш мир, ќе добиеш плата од Бога, а ќе можеш и да им помагаш на другите луѓе.

Кога живеев во „Филотеј“, кој во тоа време беше идиоритмички манастир, една ноќ додека бдеев во ќелија, забележав дека некој човек дојде пред манастирот и беше во неволја. Беше тоа некој си беден, демонизиран човек. Манастирската капија се затвораше со залезот на сонцето, а се отвораше следниот ден наутро. „Што да правам сега? Како би можел да му дадам нешто да касне! Како така да чека гладен до утре?“, размислував јас. Тогаш ми дојде на ум една  идеја. Појдов, зедов нешто храна и ја ставив во едно кошниче. Потоа кошничето го врзав со јаже и го спуштив преку мојот прозорец, кој гледаше на надворешната страна на манастирот. Тој човек беше во таква лоша состојба, што после никако не можев да се смирам. Цела ноќ се молев со болка. „Боже мој“, велев, „толку можев да направам; не сум достоен да Те замолам да му помогнеш на Своето создание. Но зарем, не е штета тој да страда заради мене?“ Кога утрото го отворија манастирот, тој човек влезе внатре; беше добро. Влезе во храмот, се поклони и Го прослави Бога. Добриот Бог се сожалил и го ослободил од демонот.

Старче, кога некој се моли за човек што страда, дали неговиот ум е насочен кон Христа или кон болката на тој човек?

-Па зарем не бара помош од Христа? Значи, тој поаѓа од болката на тој човек, но се врти околу Христа.

Старче, кога срцето ми е тврдо, се потсетувам на разните тешкотии низ кои сум поминувала и барам од Бога да им помогне на оние кои минуваат низ слични тешкотии.

-Тоа е добро. Постапувај така, бидејќи на тој начин подобро ќе ги разбереш своите ближни и ќе сочувствуваш со нив. „Боже мој“, кажи си, „како што мене си ми направил толку добрини, така помогни ѝ на мојата сестра, која е подобра од мене“.

Старче, можеби не е правилно тоа што кога се молам за спасение на некоја душа, истовремено се молам на Бога да не ѝ дозволи да страда?

-Не благословена, и во тоа има сострадување. Бог се трогнува кога оној кој се моли има во себе љубов кон својот ближен, но на крај Бог, сепак, ќе го направи она што е полезно за таа душа.

Продолжува

Извор: Бигорски манастир