image-3155

Разговори за постот (2)

  • Сергеј 20 години, студент


    Нема да постам. Јас сега растам и се развивам, што значи дека треба добро да се хранам.

– Јас не постам. Еднаш разговарав со еден свештеник, и тој ми кажа дека постот е потполно незадолжителен. Јас сега растам и се развивам, што значи треба добро да се хранам. Во црква веќе одамна не одам, затоа што ја изгубив довербата во свештенството. Сметам дека Црквата не оди рака под рака со политиката, а која било религија во денешно време е токму таква. Никој од моето семејство не пости. Постарите се „советска школа“, а моите родители се премногу зафатени со работа.


Отец Андреј

    Дури и оние под 18 години веќе се наоѓаат во почетна зрелост и треба да се занимаваат со самодисциплина.

– Свештеникот тука малку претерал. Дури и кога човек уште нема 18 години, тој се наоѓа во почетна фаза на зрелоста и треба да се занимава со самодисциплина.

Изгубената доверба во свештениците е тежок проблем. Оној кој ја нанел раната, треба и да ја лекува. Ако служителот на Црквата навредил или разочарал некого, тогаш тој треба да го поправи тоа. Само е важно самиот човек да го сака тоа.

Во нашево општество, бројот луѓе кои се рамнодушни кон верата е голем. Но бројот на нерамнодушните е уште поголем. Ова значи дека ние треба да работиме на ова поле, а треба да започнеме од главното – од Христа. Ако некој пости, но верува во Кришна, тогаш каква е радоста од таквиот пост? Или ако човек верува во Христа, но поради некоја причина не пости, него не треба да го прекоруваме. Треба да разговараме со него, па со тек на време тој ќе разбере дека верата без дела е мртва, и дека аскетизмот е едно од најважните дела. Верата без пост може да спаси, но постот без вера – никогаш.

Порано или подоцна доаѓа време кога човек треба да работи на себеси, и тогаш е важно да се биде послушен кон учењето на Мајката Црква.

 

  • Димитриј 28 години, спортист


    Јас сум спортист и тренирам пет пати неделно. Многу ретко постам.

– Многу ретко постам. Тоа е поврзано со тоа што треба да внесувам одредено количество калории, затоа што сум дигач на тегови и тренирам миниму пет пати неделно. За мене постот примарно претставува скротување на сопствениот гнев, похота и лекомисленост; сурова контрола над сопствените мисли и зборови. Дури и свети Јован вели: „Го љубам постот затоа што е мајка на смиреномудрието и извор на секоја мудрост“.

За жал, во моето семејство никој не пости. Одам во црква, но не толку често, колку што јас би сакал. Имав еден период во животот кога одев во црква два пати неделно. Тоа време не поминало залудно, и духовноста која тогаш ја добив е сè уште со мене. Кон монаштвото се однесувам со длабока почит.


Отец Андреј

    Не се насочувај кон тоа што не можеш да го направиш. Подобро размисли, со што можеш да го замениш тоа и да ја исполниш таа празнина.

– Спортот е секогаш саморазвивање. Самиот апостол Павле ги споредувал христијаните со тркачите и војниците. „Трчајте, за да добиете венец.“ Но не ловоров венец, туку венец нетлен. Така што, спортот е вредна духовна вежба.

Но, постот треба да се разбере како жртва за Бога, надвор од гастрономијата. Ако човек лежи во болница и му даваат чорба, нему ништо не му пречи за да го чита Псалтирот. Ако работи во фабрика или се занимава со спорт, тој секогаш може да одвои повеќе пари за доброчинство. Постот е наменет да воспита во човекот добрина и моралност, а воздржувањето од храна е само еден од многуте начини. Не биди насочен кон она што не можеш да го правиш. Подобро размисли со што можеш да го замениш тоа и да ја исполниш таа празнина. Ваков треба да е односот во сите слични случаи.

Постот не треба да е во спротивност со твојата професија. Спортистот, кој ја преставува честа на својата земја, не треба да умира од глад. Тука треба да се има разбирање и пастирска чувствителност. Кон секој сличен случај треба да се однесуваме засебно, за да не направиме верникот да се искара со Црквата. Во извесна смисла, свештеникот треба да биде и лекар. Црниот дроб кај сите исто работи, само болестите се различни.

 

  • Јарослав 27 години, рок-музичар


    Самиот збор ’пост’ ме потсетува на чување стража, како чување стража за време на постот.

– Воспитан сум во многу религиозно семејство. Затоа за време на секој пост, вклучително и Божикниот, се трудам да сум доста педантен. Тоа е како чување стража за време на постот, чувајќи си ја сопствената душа. Но би сакал да ги прашам свештениците, на што треба да се обрне особено внимание за време на постот?
Отец Андреј

    За современиот човек и не е толку страшно да се опушти и да испие чаша млеко. Пострашно е неселективно да восприема сѐ што се прикажува во медиумите

– Не заборавајте дека живееме во ерата на информациите. Со секоја информација треба да сме исто толку внимателни, колку што сме внимателни и со храната. Сите сме согласни дека не треба да јадеме сѐ и сешто. Но, дали е паметно да гледаме сѐ и сешто на телевизија, да читаме сѐ и сешто на интернет, да слушаме сѐ и сешто на радио? Не, туку треба јасно да си определиме што може да правиме а што не. Информацијата исто така е храна, само не за желудникот туку за умот. Тоа што децата во училиштата, па и возрасните на работните места, станаа нетрпеливи се должи на одсуството на внатрешна дисциплина. За современиот човек и не е толку страшно да се опушти и да се напие чаша млеко за време на постот. Пострашно е неселективно да восприема сѐ што се прикажува во медиумите.

За крај отец Андреј порачува:

    Запомнете дека вашата одлука за постот ќе стане празничната радост со која тој се завршува. Затоа, нека Христовото Рождество оваа година биде поторжествено од сите претходни!

  • Извор: Агапи
  • Друго;