sv.Pimen.Veliki.jpg

 * Еднаш кога бил помлад, ава Пимен отишол кај еден старец за да му постави три прашања. Кога пристигнал кај старецот, го заборавил едното од прашањата и се вратил назад во својата ќелија. Но, само што го допрел клучот за да ја отклучи вратата од ќелијата, се сетил што требало да го праша старецот и оставајќи го клучот во вратата, пак се вратил кај старецот. Старецот тогаш му рекол: „Брате, та нели пред малку беше овде?“ Ава Пимен му одговорил: „Го допрев клучот и се сетив што сакав да те прашам и не отворајќи ја вратата се вратив овде“. А растојанието помеѓу ќелиите било многу големо. Старецот му рекол: „Ти си ангелски пастир и твоето име ќе се прослави низ целата египетска земја“.

  * Еднаш братот на ава Пимен, Пајсиј се запознал со некој монах од соседната ќелија. Тоа не му се допаднало на авата и тој со трчање отишол кај ава Амон и му рекол: „Брат ми Пајсиј се запознал со некого и тоа многу ме вознемирува“. Ава Амон му одговорил: „Пимен! Зар си уште жив? Појди, седни во својата ќелија и потсети го твоето срце дека си веќе една година затворен како во гроб“.

  * Пред да дојдат учениците на ава Пимен во Египет, таму си живеел некој старец кој бил многу почитуван и многу славен. Но кога во скитот дошол ава Пимен со браќата, луѓето го напуштиле тој старец и почнале да доаѓаат кај ава Пимен. Тоа го огорчило авата и тој им рекол на браќата: „ Што да правиме со оној голем старец? Непријатно ни е што го напуштија и што почнаа да доаѓаат кај нас недостојните. Како да го утешиме?“ Па рекол: „Пригответе разновидни јадења и земете вино, па ќе појдеме кај старецот и заедно со него ќе седнеме на трпеза, можеби тоа ќе го утеши“. Ја зеле храната и тргнале. Кога тропнале на вратата кај старецот, неговиот ученик прашал: „Кои сте вие?“ Тие му одговориле: „Речи му на старецот дека Пимен сака да земе благослов од него“. Кога ученикот му го кажал тоа на старецот, овој му одговорил: „Нека си оди, немам време“. Ава Пимен и браќата стоеле на жештината и велеле: „Нема да си одиме додека не се удостоиме да го видиме старецот“. Гледајќи го нивното трпение и смиреност, старецот се смилувал и им ја отворил својата ќелија. Тие влегле и ручале заедно со него. За време на ручекот старецот им рекол: „ Вистина ви велам, многу сум слушал за вас, но гледам дека сте на дело стопати подобри“. Од тој ден тој станал нивни пријател.

sv.Pimen.Veliki.jpg

 * Еднаш владетелот на таа земја посакал да го види ава Пимен, но старецот не сакал да го прими. Тогаш владетелот го фатил синот на сестра му, божем за некаков престап, и го затворил во затвор велејќи: „Ќе го пуштам само ако дојде старецот и ме замоли за него“. Сестрата на Пимен плачејќи отишла до вратата на неговата ќелија, но старецот ништо не ù одговарал. Таа почнала да го навредува и да му вика: „Бакарно срце! Сожали се на мене, зашто имам само еден син!“ Старецот ù одговорил: „Пимен нема родено деца“. Сестрата натажена си заминала од кај него. Дознавајќи за ова, владетелот испратил порака до старецот: „ Барем преку писмо побарај ме и јас ќе го пуштам момчето“. Старецот вака му одговорил на владетелот: „Работи според законот. Ако е достоен за смрт, нека умре, а ако не е, тогаш прави со него што сакаш“. Слушајќи го таквиот одговор владетелот го ослободил затвореникот.

  * Еднаш презвитерот пелусиски слушнал дека некои браќа често престојуваат во градот, дека одат во бањата и дека таму непристојно се однесуваат. Доаѓајќи еднаш во собранието, тој ги повикал тие браќа и им ги соблекол монашките одежди. Но, потоа му паднало тешко на срцето и се покајал. Вознемирен од помислите пошол кај ава Пимен, носејќи ги со себе расата на браќата, и му раскажал на старецот за целата работа. Старецот го прашал: „Нема ли во тебе уште нешто од стариот човек? Си го соблекол ли ти него?“ Презвитерот му одговорил: „Ава, во мене сè уште има од стариот човек“. Старецот му рекол: „Ете, ист си како и браќата. Ако имаш и малку од стариот човек подложен си на грев“. Презвитерот си заминал од кај старецот, ги повикал браќата, им побарал прошка (тие биле 11), им ги облекол монашките одежди и ги пуштил да си одат.

  * Еден брат му рекол на ава Пимен: „Ава, направив голем грев и сакам да се каам три години“. „Тоа е многу“ – му одговорил старецот. „А една година?“ – прашал братот. Старецот повторно му рекол: „И тоа е многу“. Оние што биле кај старецот го прашале: „Зар не е доволно четириесет дена?“ Тој повторно им рекол: „И тоа е многу. Мислам дека ако човек искрено се покае и престане да греши, тогаш Бог за три дена сè ќе му прости“.


 * Ава Пимен говорел: „Доблеста на монахот се познава во маката“.

  * Уште говорел: „Како што царскиот оружјеносец стои подготвен пред царот, така треба и душата секогаш да биде подготвена за борба против демонот на блудот“.

  * Ава Анувиј го прашал ава Пимен за грешните помисли што се раѓаат во човечкото срце и за суетните желби. Ава Пимен му одговорил: „Се прави ли голема секирата пред оној што сече со неа? Немој да им ги подаваш рацете и тие нема ништо да ти направат.

 * Дошол еднаш еден брат кај ава Пимен и му вели: „Го засејувам своето поле, а од приносот давам милостина (приредувам вечери на љубовта). Старецот му одговорил: „Добро правиш“. Братот си заминал радосен, а потоа почнал сè повеќе и повеќе да се грижи околу милостината. За ова слушнал ава Анувиј и му рекол на ава Пимен: „ Ава, не се плашиш ли од Бога што му даде таков одговор на братот?“ Старецот молчел. По два дена ава Пимен го повикал братот и пред ава Анувиј го прашал: „Што ми рече ти онојпат, зашто кога ми зборуваше јас мислев друго?“ Братот му одговорил: „Ти кажував дека го засејувам своето поле и дека од него потоа давам милостина“. Ава Пимен му рекол: „Јас, пак, си помислив дека ти тогаш ми зборуваше за твојот брат, кој е мирјанин. Но, ако тоа го правиш ти, тогаш таквото дело не е прилично за еден монах“. Кога го слушнал одговорот, братот се огорчил и му рекол: „Ава, освен таа работа, јас не знам да работам друга работа, и затоа не можам, а да не го засејувам моето поле“. По заминувањето на братот, ава Анувиј му се поклонил на старецот и му рекол: „Ава, прости ми!“ Ава Пимен му одговорил: „Јас и претходно знаев дека тоа (полјоделството) не е монашка работа, но се согласив со неговите мисли, и со тоа ја поттикнав во него ревноста за напредување во љубовта. Тој сега од кај нас замина огорчен, но јаз знам дека пак ќе го прави тоа.

  * Ава Пимен рекол: „Има луѓе што навидум молчат, но тие постојано во своето срце ги осудуваат другите. Таквите, всушност, постојано зборуваат. Но има луѓе што зборуваат од утро до вечер, меѓутоа, тие го запазуваат молчењето, зашто не го зборуваат она што не е корисно.