Дејствителни и богословски глави

28.  Како што огнениот пламен секогаш се издигнува нагоре, особено тогаш, кога се размешува материјалот што е зафатен од огнената стихија, така и суетното срце не може никако да се смири. Ако му кажеме нешто што му е угодно, тоа уште повеќе се погордува, а, ако го изобличиме и почнеме да го вразумуваме, тоа почнува силно да ни противречи. Ако го фалиме и поздравуваме, тоа беснее и се дуе.

29.  Оној што свикнал да противречи, станува за себеси како меч остар од обете страниː тој ја убива својата сопствена душа, без да е свесен за тоа дека ја прави туѓа за вечниот живот.



30.  Оној што противречи е сличен на оние, кои доброволно им се предаваат на непријателите од својот цар. Противречењето е како јадичка, која е затруена со говорењето за правдатаː ја запишува правдата, се самооправдува и се самозаштитува, па прелестени, ја проголтуваме затруената со гревот јадичка. Така обично демоните на злобата ја уловуваат кутрата душа, преку јазикот и грлото. И колку повеќе се издигнува од гордост, толку побрзо пропаѓа во гревовната бездна и е осудуван заедно со духовите, кои биле урнати од небото.

31.  Оној што страда силно кога го понижуваат и го омаловажуваат, тој треба да знае дека во своите гради ја носи древната змија. А, ако почне со молчење да ги претрпува навредите што му ги нанесуваат, или ако одговара со голема смиреност, тогаш ќе ја направи оваа змија немоќна и сосема ќе ја дотепа.  А, ако противречи со омраза и неразумност, со тоа ќе дава сили на змијата, која ќе го излива својот отров во неговата душа и ќе ја уништува нејзината внатрешност. Вака поткрепувана, змијата најпосле ќе ја проголта и самата негова намера, намерата на неговата душа да се поправи и да живее праведно; и таа ќе ѝ ја одземе нејзината сила. По тоа, таквиот ќе почне да живее, само за да греши и ќе биде сосема мртов за правдата.




Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ – Том V

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

 

28-ми март 2018 лето Господово

Друго:

  • Поуки од Светите Отци

preminportal.com