Преподобен Нил Синајски – Мисли и поуки


(Од првото слово до монахот Евлогиј 73-78)    
   
Божјите свети луѓе бегале од градовите, бидејќи знаеле дека општењето со грешните развратни луѓе се одразува врз нив пострашно и од најстрашната заразна болест. Пророкот Илија, напуштајќи ја Јудеја, живеел во Кармилската планина, која била ненаселена и полна со диви ѕверови. И Елисеј, неговиот ученик, се угледал на својот учител, и го возљубил пустинскиот живот. И свети Јован Претеча живеел во Јорданската пустина, хранејќи се со скакулци и со див мед, за покајание, како што не е можно да бидат задоволени телесните потреби. А можеби и Мојсеј преизвестил нешто слично кога му дал на Израилскиот народ заповед да ја собира маната во толкава количина, колку што им била потребна за еден ден. Со тоа било речено дека човековата грижа за храната треба да се ограничува само на еден ден. Па и сите светии, „за кои светот не е достоен“, ги напуштале населените места, „скитаа по пустини“ (Евр.11,38) бегајќи од пороците на светот, кои имаат добар изглед, така што со силата на својот стремеж, како носени од речна матица, да не бидат повлечени од текот на погубниот светски живот.

Ние сме создадени богоподобни, според Божјиот образ, за во нас да ги запазиме особеностите на Оној Кој нѐ создал, а на оние, кои ќе нѐ гледаат, со нашиот совршен живот да им ги претставиме јасно особеностите на нашата богоподобност. Бог вели: „Штедар и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив“ (Псал. 102, 8; Јоил 2, 13) и ја запазува правдата. Еве, какви се особеностите на Божјиот лик. Според нив се познава и душата, која се удостоила со богоподобноста и која се сродила со Бога. Од љубов спрема Бога, откако се исполнила со богоподобните совршенства, иако сврзана со телото, душата ќе се зафати со низа трудови со цел да се исчисти, додека не успее да го добие она со што се одликува Божјата природа – добрината, долготрпеливоста, убавината и човекољубивоста. И тогаш таа се покажува малку помала од ангелите, но со слава и чест (Псал. 8, 5).
    


Оној што бега од метежот на овој свет, не си дозволува да биде вознемируван од суетата на животот, бега од општењето со луѓе лекомислени и површни; поголемиот дел од своето време го поминува во својот дом во молитва, во проучување на Светото писмо, а за време на ретките излегувања од дома, него можат да го видат воздржлив, кроток, нераздразнителен, сочувствителен и братољубив. И кој ваквиот човек нема да го нарече вистински Божји последовател, образ и подобие Божјо, осветлен со зраците на Божјата добрина? Тој го покажува своето уподобување на Бога со јасното пројавување на добродетелите – привлечни како цвеќиња.

Еве, кои се карактеристичните особености на Бога и на човекот кој ревносно се труди да се уподоби на Бога: спокојство, кротост, негневливост, незавидлливост, добротворност, сочувствителност, заборавање на злото што му го направиле, љубов спрема доброто, добрина, почит кон сите, грижа за доброто на сите, општителност, услужливост, нечестољубивост. Со еден збор, сѐ што го пројавува и Бог во изобилноста на Својата добрина Кој „го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (Матеј 5, 45). По ова се распознава оној што се труди да се угледа на Бога.

Доволно би било и само ова укажување – послушните да се учат и да се научат да живеат совршено, но знаејќи, дека некои со мака биваат доведувани до ова, светиот апостол Павле настојува со многу совети да ја отстрани од нас суетата и ја поттикнува нашата ревност со разни пофални именувања. Затоа тој вели: „Вие сте храм Божји“ ( 1. Кор. 3, 16); „Вие сте деца на светлината“ (Ефес. 5, 8); „Живејте достојно за Христовото евангелие“ (Фил. 1,27); „Телата ваши се Христови членови“ (1. Кор. 5,15); на друго место нѐ нарекува „свети и непорочни“ (Ефес. 1,4), „прави и чисти, непорочни чеда Божји“ (Фил. 5,15). Тој говори за сето ова, како веќе да се наоѓа во нас, иако го нема уште во нас, со цел да се исплашиме од ваквите пофалби и да не станеме достојни за прекор и потсмевање, ако не бидеме такви; да се исполниме со ревност да постанеме и да останеме такви. Затоа светиот апостол Павле не се ограничува само на овие пофалби, туку дава и посочува разни други начини и мерки, за да можеме „да стигнеме до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4,13).

Тој пред сѐ бара од нас да умреме и да се распнеме за Христа, да не чувствувме никаква наслада, ниту да ги чувствуваме страдањата на овој свет. Тој вели: „Вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3,3). Сакајќи да ни покаже како живеат оние што воскреснуваат со Христа, да го бараме она што е горе и за тоа да мислиме, да умреме за стихиите на овој свет и повеќе да не живееме за нив. Тој вели: „Препуштете се на Бога како оживени од мртвите, а органите ваши да станат орудие на правдата“ (Рим. 6,13), сакајќи, од една страна, да умреме токму за она, со што се приведуваат во дејство телесните страсти, кои востануваат против духот, а, од друга страна, ни заповеда да живееме за она, со што се извршуваат добродетелите – за да Му угодиме на Бога. Затоа жртва жива го нарекува умртвувањето на телата, кои се на земјата (сп. Рим. 12,1; Кол. 3,5) – за оние, кои сакаат да одат „во обновен живот“ (Рим.6,4), за жртвено умртвување и да бидеме секогаш зафатени со извршување на добри дела, па, бидејќи жива жртва, да не ги загубиме нашите сили, туку, како со обновени, процутени и подмладени сили – да се бориме против мудрувањето на телото, кое веќе не бива водено со неразумни желби, бидејќи потполно сме преминале од телесен – во духовен живот, да живееме не телесно, туку духовно.


Преподобен Нил Синајски


Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

Подготви: Т.С.

Јуни лето Господово 2017