(Избор од неговите беседи)

4. Создавање на тврда решеност да одиме по Господа

Движењето на душата кон спасението почнува со желбата за спасение и со тврдата решеност да Му се предадеме на Господа. Господ ќе го изврши нашето спасение, сѐ подготвил за него и прави сѐ за да се спаси секој. Се очекува само човекот да пристапи и да почне да прави сѐ што е потребно за неговото спасение

а) Се очекува нашата желба – како неопходен услов

67. Човекот по својата природа има своја цел и Бог го бара тоа од него. И затоа заповеда човекот најнапред да го разбере тоа, да го засака и да има волја да работи за тоа. А за да може мислата да биде остварена во дело, да приложува труд и да ја извршува потребната работа, - за ова Господовата благодат му го дава сето ова на оној што поверувал и посакал да го врши. Затоа човековата слободна волја е од суштествено значење. Ако човекот нема волја, - самиот Бог не презема ништо, иако може да го прави тоа според Својата слобода. Затоа извршувањето на делото на духот зависи од слободната човекова волја. А и кога ние учествуваме со сета наша волја, и тогаш сета работа ни се припишува на нас од страна на Бога.

68.  Како што евангелиската крвоточива жена, која, иако не можела да се излекува и останувала поразена од една страшна болест, сепак, имала нозе да Му се приближи на Господа, да пристапи кон Него и да Му се обрати со зборовите: „Сине Давидов, помилуј ме!“ (Марко 10,47). На ист начин и слепиот, кој не можел да се приближи и да пристапи кон Господа затоа што не гледал, сепак и тој му се обратил со истите зборови. Па, откако поверувал, Господ се приближил до него го излекувал и тој прогледал и се спасил. Затоа, и ние да поверуваме во Него, да Му пристапиме, за да бидеме веднаш излекувани од Него. Зашто Он им ветува на сите да им даде ваква помош. Така и душата, иако е поразена од срамни страстни рани, иако е ослепена од гревовната темнина, сепак ќе посака да повика кон Христа и да Го повика, за да дојде и да ѝ даде вечно избавување.

69.  Како што оној слепец, ако не повикал, и онаа крвоточива жена, ако не се приближила до Господа, не би биле исцелени, исто така, ако некој не пристапи кон Господа, по слободна волја и не Му се моли со силна вера, и тој нема да добие исцеление. Зошто тие биле веднаш исцелени, а ние уште не сме исцелени од нашите страсти? Поради нашето неверување и поради тоа што не Го сакаме со сето наше срце и не веруваме искрено во Него, - затоа уште не сме добиле исцеление духовно и спасение. Затоа, да поверуваме во Него и искрено да Му пристапиме, ако сакаме и нас така брзо да нѐ излекува, како што вели Он Самиот: „Небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат“ (Лука 11,13). А не е лажлив: „Со надеж на вечен живот, што го вети вечниот Бог, Кој не лаже“ (Тит 1, 2).

70.  Иако детенцето не може ништо да прави, не може да оди и да појде кај својата мајка, сепак, кога ја бара, тоа вика и плаче. И мајката се сожалува на него и се радува што нејзината рожба ја бара и на тој начин, па бидејќи детенцето не може да оди, таа, водена од својата силна љубов спрема него, доаѓа при него, со голема нежност го зема во своите раце, го милува и го храни. Ова истото го прави и нашиот човекољубив Бог со нашата душа, која се приближува до Него, Го бара и Му се моли. А Он со уште поголема љубов и добрина се доближува до неа и, според зборовите на свети апостол Павле, станува „еден дух“ со нас. (1. Кор. 6, 17).

71.  Господ е милосрден и долготрпелив, го чека нашето обраќање. Ако грешиме, претрпува, чекајќи го нашето покајание, ако паднеме, не се срамува пак да нѐ прими, како што вели пророкот: „Зар паднатите не стануваат и оние што скршнале од патот не се враќаат“ (Јерем. 8, 4). Штом се отрезниме, штом придобиеме добра мисла, се свртиме ли кон Него и Му се обратиме за помош, Он е секогаш готов да нѐ спаси, зашто ја чека нашата искрена желба, нашиот устрем кон Него, нашето доброволно и непринудно приближување, нашата вера и усрдност; го помага секој наш труд во доброто и светото. Затоа, да се ослободиме од секоја предрасуда и од мрзливоста и да се трудиме да бидеме храбри и постојани во чекорењето наше по Него; за да не го одлагаме од ден на ден нашето покајание, да не им служиме на нашите пороци и страсти, зашто не знаеме кога ќе го напуштиме нашето тело.

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том I

Подготви: Т.С.