KAЖУВАЊА НА СТАРЕЦОТ ПАЈСИЈ СВЕТОГОРЕЦ:
Кога некој е жртва на прељуба, Бог му ги отвора небесата!
 
Aмериканец од грчко потекло, семеен човек, ја здогледал несоздадената светлина – „ несоздадената светлина“ се нарекува така,  затоа што не е создадена, т.е. без почеток е, таа е Божествена енергија, самиот Бог; највисоките  духовни подвижници живеат во неа;  таа е цел по која копнеат сите кои се подвизуваат и се смета за искуство на обожението, за учество на човекот во Божествената енергија, „…на заедничарите на Божествената природа...“.

Старецот ми ја раскажа следната приказна:

 „Еднаш овде дошол еден лекар, Американец од грчко потекло. Бил од православна вера, но немал многу врска со духовниот живот. Дури ни во петок не постел. Дури ни во црква не одел често.

Доживеал едно духовно искуство и сакал за тоа да поразговара со мене. Една ноќ, додека се молел во својот стан, „му се отвориле небесата“.
Една светлина го заблеснала, го снемало таванот на собата и четириесет катови на облакодерот над него.
Долго се капел во таа светлина, не знаел ниту да каже колку!

Бев восхитен! И тоа затоа што почувствував и сфатив дека тоа било „од Бога“.
 Било вистинско. Ја видел „несоздадената светлина“ .
 
Што е тоа што го сторил во својот живот? Како живеел кога бил удостоен со таква Божја посета?

Бил оженет, имал жена и деца.
 Тогаш, еден ден, жената му рекла:

„Ми здодеа да се занимавам со куќава, сакам и да излегувам“.
Ете, не морала ниту да работи. Почнала  да излегува со своите пријателки, а и него секоја вечер да го принудува да одат во провод.

По некое време, таа му рекла:
„Сакам сама да излегувам со моите пријателки“.
Го прифатил и тоа заради своите деца.

Потоа му рекла:
„Сакам сама да патувам на одмор…“.
Што да прави? Ѝ дал пари и автомобилот.

После тоа му барала да ѝ изнајми еден стан за да живее сама, а таму ги носела и своите пријатели.
Ѝ зборувал, ја советувал:
„Како ќе се чувствуваат нашите деца?“.
А таа ниту да слушне. На крајот, му зела многу пари и заминала. Бил мошне скршен!

По неколку години, дознал дека станала проститутка во јавните куќи на Пиреј!
Бил скршен! Плачел! Помислувал да оди да ја најде и да ја избави. Но што би ѝ рекол?

Тогаш клекнал да се помоли:
„Боже мој … просветли ме, што да кажам … што да правам … да се спаси оваа душа…“.

Гледаш, сочувствувал со неа. Сакал да „се спаси оваа душа“.
Немал ниту машки егоизам, ниту злопамтила, ниту презир.
 Го болел нејзиниот пад. Чезнеел за нејзиното спасение.

Тогаш Бог ги отворил небесата и го искапел во Својата Светлина.
Гледаш?! … Гледаш?! …

Тој живеел во Америка. Во какво окружување таму живеел. Додека, толку многу нас нè има што живееме на Света Гора, во близина на светите, во благодатта на Пресвета Богородица, а не напредуваме!

Фала на Бога! Фала на Бога!

Од книгата: Отец Пајсиј ми рече
Атанасије Раковалиса, издавач „Православна кошница“, стр 27-29.
Превод од грчки: Павков Сања

Извор: Манастир Глоговац
Превод од српски: Мина Даниловска