Prp_Efrem_Sirin162-0201



Св. Ефрем Сирин

✤✣✤

За љубовта и за оние кои немаат љубов во себеси

✤✣✤

Блажен е оној човек во кого пребива љубовта Божја, зашто тој во себе Го носи Бога. Бог е љубов, и оној што пребива во љубовта пребива во Бога (1. Јован, 4, 16). Оној што има љубов тој заедно со Бога стои повисоко од сè. Оној што има љубов не се плаши; зашто совршената љубов го изгонува стравот (Јован 4, 18). Оној што има љубов никогаш и од никого не се гнаси – од мали и големи, од славни и неславни, сиромашни и богати; напротив, самиот се поставува подолу од сите; на сè се извинува, сè претрпува (1. Кор. 13, 7). Оној што има љубов не се превознесува, не се издигнува, никого не клевети и увото свое од клеветниците го одвраќа. Тој не е лукав, не се сопнува и на братот сопки не му прави. Тој не е соперник, не завидува, не гледа со ненаситно око, не се радува на падот на другите, паднатиот не го презира, туку зема удел во неговото страдање, не го презира братот свој во неговите потреби, туку се застапува за него, подготвен е да умре за него. Оној што има љубов ја исполнува волјата Божја, ученик е Божји. Зашто Самиот наш благ Владика рече: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу вас (Јован, 13, 35). Оној што има љубов никогаш ништо за себе не присвојува, за ништо не вели: „Ова е мое“, туку сè што има им го нуди на сите за општа употреба. Оној што има љубов, никого не смета за туѓинец, свои му се сите. Оној што има љубов не се раздразнува, не се гордее, не се распламтува од гнев, на неправдата не се радува, со лага не се занимава, никого не го гледа како свој непријател, освен ѓаволот. Оној што има љубов на сè се извинува, сè претрпува (1. Кор. 13, 4 - 7). Затоа, блажен е оној што ја придобил љубовта и кај Бога со неа се преселил; зашто Бог ги препознава Своите и ќе ги прими нив во лоното Свое. Подражателот на љубовта ќе биде сожител на Ангелите и со Христа ќе се зацари. Од љубов и Бог Словото слезе на земјата. Преку љубовта пред нас е отворен рајот и патот кон небото на сите им е покажан. Преку љубовта се помиривме со Бога и ние кои непријатели Му бевме. Затоа, праведно е да кажеме дека  Бог е љубов, и оној што пребива во љубовта, пребива во Бога.

Несреќен и за жалење е оној кој е далеку од љубовта. Тој деновите свои во постојана болка ги поминува. И кој нема да заплаче за човекот кој од Бога е далеку, кој е лишен од светлина и живее во темнина? Зашто, браќа, ви велам: оној во кого нема љубов Христова, непријател е Христов. Не лаже оној кој вели: Секој што го мрази братот свој е човекоубиец (1. Јован, 3, 15) и во темнина оди (1. Јован, 2, 11) и лесно се фаќа на секаков грев. Оној во кого нема љубов, брзо се раздразнува, брзо се разгневува, од омраза брзо се распалува. Оној во кого љубов нема, на неправдата врз другите се радува, со паднатиот не сострадува, не ја подава раката своја кон изнемоштениот, не го советува потиштениот, не го придржува расколебаниот. Оној што љубов нема има заслепен ум, пријател е на ѓаволот, изобразител е на секакво лукавство, на кавги е причинител, на злоговорниците е пријател, собеседник е на клеветниците, советник е на тие што навредуваат, наставник им е на завидливите, работник ѝ е на гордоста, сад е на високоумието. Со еден збор: оној што не ја придобил љубовта, орудие е на противникот, блудствува на секоја патека и не знае дека оди во темнина.

Извор: Бигорски манастир