TViTer482

КРИЗАТА НА ПУБЕРТЕТОТ

Толку многу плачев што очите ми се зацрвенија . Тажна сум и вознемирена а не знам ни зошто. Сакам да го запрам времето, да бидам некаде далеку.Животот  ми изгледа на пат со етапи, со награди на секоја етапа. Но “ако зафркнеш“, нема да добиеш ништо.
Јас “се зафркнав“. Чувствувам болка да размислувам, да живеам, толку ме боли што не можам да вдахнам  храброст, да се смирам. Тешко е, многу тешко, уморна сум од животот, но сепак, го сакам“ (Ирина, 15 години)”

        Во дискусијата за пубертетот, неизбежно мора да се допре до прашањето дали е тоа состојба на болест. Многу родители и други луѓе кои работат со тинејџери си го поставуваат ова прашање, соочувајќи се со толку многу тензии и противречности. Но, и самите тинејџери се прашуваат, не можејќи да ги објаснат овие чудни и болни промени што им се случуваат. Оваа возраст стана толку непопуларна што некои кои работат со младите зборуваат за нејзина „стигматизација“.
         Очигледно, карактеристиките на оваа доба се забележани многу одамна, за што сведочат и старите текстови ( како и денешните! ) во кои се вели дека младите се препуштале на морална изопаченост. На пример, Хесиод ( старогрчки поет ) напишал: „Нашите млади денес изгледа сакаат луксуз. Имаат лош карактер и презир кон авторитетот. Тие не ги почитуваат возрасните и времето го поминуваат озборувајќи ваму-таму... Подготвени се да им пркосат на родителите, да го монополизираат разговорот во друштвото, да јадат лакомо и да ги измачуваат учителите“.
          Аристофан подоцна забележува: „Младите шетаат по пазарот и бањите, имаат лоши манири, не стануваат од своите места кога им приоѓаат старешините, се однесуваат лошо со своите родители, ги посетуваат танчарките, се однесуваат дрско со нивните татковци и се потсмеваат на нивната возраст, стомакоугодници, го грабаат од масата она што го гледаат пред себе, со пискотници се смејат и седат со вкрстени нозе...“. И Сократ: „Не гледам надеж за иднината на нашата нација ако зависи од несериозната младост на нашето време, бидејќи сите млади луѓе се толку бесмислени што не може да се опише“.
          Накратко, пред 4.000 години во библискиот град Ур се појавил следниот натпис: „Нашата цивилизација е осудена на пропаст ако дозволиме да продолжат нечуените постапки на помладите генерации“.
На крајот ќе ги цитирам описите на свети Јован Златоуст дека „младоста е како вознемирено море, полно со бурни бранови и опасни ветрови“, или „како оган што брзо се шири и изгорува сè наоколу“.

          Ваквата едногласност низ вековите и во различни цивилизации подразбира заедничко доживување на една необична и болна ситуација, и повеќе не оддалечува од можноста дека се работи за „заболување“. Не би било возможно ваквата болната состојба да се запази стабилна низ времето, исто како што не би било возможно Бог да постави една болна фаза во развојот на човечкиот живот.
Навистина, секој од нас би сакал да извика: „Ако би можел повторно да бидам млад!“, но ако не прашаат  точно на која возраст мислиме, сите ќе укажеме на нашите 20-ти и 30-ти, но не на пубертетот. Ова е поврзано со беспокојството и вознемиреноста што ги доживуваме за време на пубертетот,и би требало да разбереме зошто е тоа така.
Причината поради која се прашуваме дали пубертетот е болест е тоа што често останува мачен  и неразбран. Содржи толку многу противречности што ни е тешко да го поврземе со душевното здравје. „Пубертетот е фаза од нашиот развој што потсетува на изразот на Дикенс: „Тоа беше најдоброто време, беше најлошото време, беше време на мудрост, тоа беше време на лудило…“ Невозможно е да се живее со тоа, а во исто време е радост да го имаш покрај себе“.
Нарушено е однесувањето не само на адолесцентот, туку и на неговите родители. „Влегувањето на децата во оваа возраст може да го доведе семејството во страшни превирања. Справувањето со бунтовен или сомничав тинејџер може да ги натера родителите да ја преиспитаат целта и насоката на нивниот живот... За некои возрасни, пубертетот на нивните деца станува пресвртница во нивниот брак. Тие може да се расправаат, понекогаш и за прв пат, за тоа како да постапат со своите деца. Можеби ќе почнат да мислат дека не се вклопуваат заедно“.
          Зборувањето за пубертетот бара пред се да се разбере и да се знае причината за неговото постоење. Сигурно ова не е каприц на Бог или на природата. Честопати, родителите бараат совет од специјалист или свештеник за тоа како да се справат со едно или друго прашање во односот со тинејџерите. И тука секогаш постои опасноста да барате рецепти. Многу пати сакаме да го решиме проблемот без да го разбереме. Од самиот почеток мора да прецизираме дека ова е залуден напор. Справувањето со адолесцентните проблеми не е прашање на техника.

TViTer481
           Што е тогаш? Тоа е прашање на разбирање. И самиот овој збор може да ги обесхрабри некои родители или учители кои, наидувајќи на бројни манифестации на адолесцентското  однесување, се убедија себеси дека никогаш повеќе нема да ја разберат оваа чудна (зборот е снисходлив) фаза од човечкиот живот. Можам да замислам како сега размислуваат: „Дали е можно некогаш да ги разбереме овие непослушни деца?“.
           Добро е да не ги потценуваме нашите можности. Како што велат, „не треба сила, потребна е уметност“. Во големото американско истражување на 10.467 испитаници, од родителите беше побарано да рангираат шеснаесет вредности; на прво место, го поставија „да се биде добар родител“ и „да се има мудрост (зрело разбирање, интроспекција)“. Со други зборови, тие сакаа подобро да ги разберат своите деца.
Оваа желба е примарна во нивните напори. Сепак, половина од нив велат: „Јас не сум толку добар родител каков што треба да бидам“.
          Француското девојче цитирано на почеток, јасно покажува дека пубертетот за повеќето млади луѓе е период на страдање. Се разбира, степенот на страдање варира од личност до личност и од различни фази на пубертетот. Некои не можат да го поднесат овој период и извршуваат самоубиство или психички се разболуваат. Други го доживуваат толку површно што дури не го ни осознаваат. Генерално, иако 80% од нив понекогаш изгледаат раздразливо и непредвидливо, само 1 од 5 тинејџери доживува значително психичко страдање, што станува извор на болка за себе и за другите. Но, дури и со оние кои се едноставно вознемирени и „проблематични“, ние возрасните не разбираме зошто тие страдаат или се однесуваат чудно, а понекогаш и самите тинејџери прават сè за да не го разберете нивното затворање или нивното дрско и пркосно однесување. „Современиот тинејџер е пред се суштество со многу таинствености. Сака да биде целосно независен, но во исто време сака поинакви работи од родителите во секојдневниот живот. Зборува некои апсолутни и вечни вистини, но во исто време длабоко се сомнева во себе, во своето тело и во другите. Често е крајно алтруист, но во исто време може да биде и неверојатно себичен. Тој постојано се смета себеси за индивидуалист и во исто време станува дел од група или мода што го прави да не се разликува од неговите врсници. Можеме да кажеме дека пубертетот е тој период во кој поединецот ги доживува противречностите, апсурдноста и болката поврзани со него“.

TViTer480
            Адолесцентните контрадикторности, во комбинација со родителското незнаење и необразованост, доведуваат до конфузија, што резултира со две крајности: некои родители стануваат авторитарни над своите деца, „кои се разгалени и имаат сè, за разлика од нас тогаш“, додека други велат „Да“ на сè, прибегнувајќи кон тој популизам што ќе ги направи допадливи и ќе ги ослободи од грижи. Односно, некои сметаат дека „денешните лоши деца“ едноставно го имаат луксузот да страдаат, а други се сеќаваат на сопственото поведение во адолесценцијата и затоа одбиваат да ги притиснат своите деца дури и за најмала работа.
Очигледно е дека вистината не лежи во ниту една крајност. Генерално, вистината за човечките работи е посложена од „мудрите“ изрази што ги изговараме во дневните соби и кафулињата. Приближувањето кон неа бара систематско проучување и знаење, користење на искуството, напредок во самоспознавањето. Обично не можеме да ја разбереме другата личност повеќе отколку што сме можеле самите да се разбереме.
            Покрај сето ова, читателот треба да има на ум дека секој тинејџер е единствен, како и секој човек, па работата со него не може да се заснова на стереотипи и рецепти. Како што забележува детскиот психијатар Филип Греам, „Типичен тинејџер? Заборави!".
Често зборуваме за пубертетска криза. „Во кинескиот јазик зборот „криза“ се состои од два знака, од кои едниот значи „опасност“, а другиот значи „можност“. Овој факт е особено значаен. Тоа ни кажува дека кога му помагаме на тинејџер, не само што му помагаме да ја надмине кризата во неговиот живот, туку го насочуваме да се развие во нешто уште подобро, за што кризата станува отскочна штица.
          На овој начин, пубертетот станува драгоцена можност за реорганизирање на целиот живот во нови, поздрави и покреативни основи.
          Кризата на пубертетот може да стане подарок, колку и да звучи чудно. Св. Јован Златоуст повторно нè потсетува: „Како што некој кој не е занаетчија, најде скапоцен материјал (бисер, школка или друг соодветен материјал) и го презре (бидејќи не го знае), ќе претрпи голема загуба, така и ние , ако ја пренебрегнеме својата природа, ќе ја презреме; но ако ја запознаеме, ќе пројавиме грижа  за неа и ќе имаме голема корист“.
          Нашата способност како родители да помогнеме во ова искористување на кризата е од решавачко значење. Семејниот психотерапевт Вирџинија Сатир пишува: „Возрасните мора да ја создадат вистинската средина за овој развој со истата грижа со која го градиме нашиот дом за да обезбедиме сигурност за малото дете. Тоа треба да се направи на начин што ќе го заштити достоинството на адолесцентот, ќе го развие неговото чувство за вредност и ќе му даде корисно водство.”
           Слушав како родителите се жалат на нивните деца во пубертет: „Никогаш не седат мирни. Постојано мора да се занимаваат со нешто“. Тоа означува сила на патот. Разумните родители ги  прифаќаат овие континуирана превирања и успеваат добро да ги издржат привремените изливи на бурата. Со големо внимание создаваат соодветни услови во кои пупките ќе растат и цветаат. Така добивате добри плодови. Во овој период на големи промени, секој изгледа различно и родителите треба да почнат да го запознаваат своето дете одново. Соочувањето со оваа ситуација со љубов, а не со страв, често гарантира успех“.
         Значи, болката во пубертетот е всушност породилна болка. И болката при породувањето не е болест, туку конструктивна болка. Тоа придонесува за појава на нова личност во светот. Страдањето во пубертетот придонесува човекот да го најде своето ново лице. Сепак, оваа болка станува се посилна во денешниот свет.



Автор: отец Василиј Термос
Извор: bogonosci.bg


За Преминпортал: Симеон Стефковски

9ти октомври 2022 лето Господово