Архимандрит Андреј Конанос

✤✣✤

Меланхолијата

(ΙV дел)


✤✣✤

Човекот жеднее за почит и признанија, за малку љубов и топлина. Таа потреба е многу голема, жед, глад за среќа, за љубов. Затоа си во депресија, бидејќи не си го заситил тој глад и го заситуваш со ракчиња, чипс, чоколада. Добро, ќе се заситиш за кратко, но потоа пак бараш и на крај ќе се здебелиш, се мачиш, се фрустрираш и повторно чувствуваш глад. Одново јадеш, одново се прејадуваш и жалиш зашто јадеш на погрешен начин. Таквото јадење е грешка. Всушност ја бараш радоста на погрешно место. Затоа ти велам дека молитвата многу ќе ти помогне, само да ја упатиш со восхит, оптимизам и радост. Молитвата не е депресија. Таа покажува дека мислиш на начинот на којшто Христос мисли за тебе, и од тука автоматски се менуваат сите твои побуди. Преку молитвата се менува структурата на мислењето, зашто обично сите ние ја правиме следнава грешка: не се трудиме да видиме како Христос нѐ чувствува нас, и какви сака да бидеме, туку се трудиме да Го натераме Христа да мисли за нас на начинот на којшто ние мислиме за себеси, т.е. на болен начин. Ти велиш: „Христе, види колку сум беден! Ајде и Ти признај дека сум беден! Ајде и Ти заплачи над мојата ништожност! Кажи и Ти дека сум мизерен“. А Христос, Којшто е Самиот здравје, ти вели: „Ти сакаш Јас, Којшто Сум Светлина, да влезам во твојот мрак и да станам темен, меланхоличен, а треба да се случи обратното!“

Тоа е движењето на молитвата – да се видиш себеси во светлината во којашто Христос те гледа, за да исчезне депресијата и меланхолијата од твојата душа. И ако му речеш на Христа: „Како ме гледаш?“ Он нема да ти каже: „Те гледам разочаран, неуспешен, маргинален, во очајание и сѐ е свршено за тебе!“ Не! Туку ќе ти рече: „Гледам напред и гледам поле полно со можности, ги гледам идните години, даровите што доаѓаат во твојот живот. Те гледам во светлина, дете мое. Гледам благодат, помош, луѓе, можности. А ти денес си во очајание. Да, но Јас, Кој Сум Христос, гледам напред, и го гледам не само тоа денес, туку и тоа што доаѓа утре. Сакаш ли да влезеш во Моите очи и ум, и да го правиш тоа што Јас го правам? И да гледаш во перспективата на бесконечноста?“ Но ти Му одговараш: „Не, јас сакам да гледам ограничено, како што гледам сега и да се жалам за моите проблеми и грижи“. „Немој, гледај напред, посвети се на други работи!“, ти одвраќа Христос. Ете тоа е молитва. Тешко е.

Затоа не се случуваат чудеса кога се молиме, бидејќи тоа што го правиме не е молитва. Оди напред, а не назад, немој да се заглавуваш, да потонуваш, да паѓаш во калта, да тонеш до гуша и да велиш: „А, ќе слезам уште подолу!“ Тоа не е молитва, не гледаш напред, не гледаш кон Бога, не се обраќаш динамично кон Него, туку ти се допаѓа да се закопуваш во изгниените цветови на твојот живот, кои се овенати и исушени и велиш: „Сакам таму!“Додека Бог ти вели дека за тебе се отвора нешто ново и добро...

Се молам Бог да ти помогне да го видиш тоа. Да ти помогне прво да ја видиш својата грешка, имено, тоа дека погрешно ја разбираш смислата на радоста во твојот живот. Дека неоправдано се потценуваш себе си, дека проблемите ги решаваш на погрешен начин и затоа работите сѐ повеќе се влошуваат. Кога ќе го разбереш сето она за кое денес ти зборувам, тогаш ќе тргнеш по многу добар пат. Тогаш ќе си спремен да го направиш следниот правилен чекор и да кажеш: „Одев по погрешен пат во животот, сега ќе се променам и ќе успеам со помош на Христа.“ Сѐ можам преку Исуса Христа, Кој ми дава сила. Како? Со помош на Христа, Кој е во мене, ме укрепува и ми дава сила...

Крај

Извор: Бигорски манастир

Друго:

Архимандрит Андреј Конанос - Меланхолијата (ΙII дел)

 

Архимандрит Андреј Конанос - Меланхолијата (ΙI дел)

 

  p.andreas-konanos

Друго: